Skip to content

Убав е, мајко! – Лина Димоска

Убав е, мајко.
Тој е многу повеќе од убав.
Има очи длабоки ко мориња.
Темни, тмурни, солзи полни,
а пак некако полни со ведрина,
полни со сјај, кој ми ја осветлува душава.
И тонам јас во нив,
длабоко тонам,
се давам,
а пожива, мајко, не сум била.

Убав е, мајко!
Тој е многу повеќе од убав.
Има зборој со кои ми ја прегрнува душава,
за него ме врзува,
ме заробува,
а послободна јас, мајко, не сум била.

Убав е, мајко!
Тој е многу повеќе од убав.
Има насмевка чиста, искрена,
со која може да насмее десетици,
стотици,
ама тој мене ме одбрал,
мене сака да ме насмее.
И колку и да сум тажна и распрачена,
тој ме смее,
а олку среќна јас, мајко, одамна не сум била.

Убав е, мајко!
Тој е многу повеќе од убав.
Тој е сина боја со која сакам небото да го обојам,
па од него никогаш да не ми е доста.
Тој е шаренилото на виножитото.
Мирис на летен дожд е.
Утрински зрак кој ме буди,
цврста прегратка што ме успива.
Тој е мојот одраз во огледалото,
а јас себеси единствено во него се гледам.
Тој е како мене, мајко.
Исто ко мене е.
Сенка ми е.

Затоа, не грижи се мајко.
И да изгорам, не грижи се.
Остави ме, нека горам.
Ти кажувам за да знаеш.
Со него, барем на миг,
среќна сум била.

Напишете коментар