Каде ви е совеста? (Булинг) – Софија Величковска

Вртоглавица. Напнатост. Необична илузија која ти го распара срцето. А ти седиш сама во училницата.. Мислам не си сама, околу тебе има уште дваесеттина твои соученици, но ти се чувствуваш осамено, бедно, се чувствуваш како да си валкана крпа фрлена во корпа за отпадоци. Се чувствуваш како фрлено залче од кифла во кое нема крем, е баш вака се опишуваш самата себе си.

Таа твоја точна теорија дека вредиш, дека го заслужуваш најубавото, таа твоја убава фантазија ја потиснува некој што не знае што е тоа да се сонува. Не, тој не знае ни колку животот е убав кога ќе направиш добро дело. Тој единствено нешто што знае е да повреди нечие детско невино срце. Секако, тоа го прави толку вешто, што твојата самодоверба паѓа на нула… Твоето лице е бледо, усните ти се суви и не знаеш како самата на себе да си помогнеш додека слушаш како твоете прекрасно име го изговара некој кој вметнува грдотија во разговорот кој е упатен кон тебе.

Те гони и на сон. Те тера да плукаш крв од нервоза. Те тера да се запрашаш дали воопшто некому му значиш, дали вреди што постоиш, те тера да се сомневаш во твојата инспирација дека еден ден ќе успееш во нешто. Тој врз тебе плука отров како некоја змија-отровница, ти умираш, желбата ти умира, умира твојата волја за секаква идеја што си ја створила во умот. Те навредува и ти ја јадосува душата. Те крева од пепелта, а те турка во силен оган.

Ти за него си дебела, никаква, сиромашна, кукавица, ти за него си сè она што не би го изговорила ти.. Ти за него си најодвратното суштество што може да постои.. А, всушност тој е. Ти ја фрла тетратката. Ти го краде пенкалцето со розов пердув, ти ја уништува новата тетратка која мајка ти едвај ти ја купила. Тој не знае да го цени она што со мака си го добила.Ти ги гази чевлите и ти вели: “Моите се поскапи”, а не знае дека тие чевли татко ти со пот ги заработил.

До кога вака? Каде ви е совеста мили мои богати дечиња? До кога родителите ќе молчат и нема да вмешуваат прстиња во нивното однесување, а можам со сигурност да кажам дека тоа и не е некакво однесување. Од нас треба да произлегува барем тронка емпатија, а излегува само завист, злоба, плукање, исмејување, уценување и сл. И еден ден, сите ќе станеме родители. Еден ден оние кои биле богати можат преку ноќ да го изгубат материјалното богатство.

Но верувајте.. Душевното богатство секогаш ќе плива низ вашето небесно срце. Семејството секогаш ќе биде покрај вас. Верниот другар секогаш ќе биде тука за да ви помогне.. А оние.. Оние кои ги ранувате секојдневно, еден ден ќе станат големи луѓе. Да тие ќе станат луѓе за почит, оти единствено тие знаат како е да критикуваш и малтретираш некого без основа.

И само уште нешто за крај. Облеката не нè прави луѓе. Она внатре што e. Она вистинското. Она колебање дали да ја гушнам или да ја оставам да плаче. Е ова не прави луѓе. Размислете за ова што ви го зборувам. Секој има право да живее, а нашиот живот е само наш, не смее никој да го завземе нашето место.. Не смее никој да нè загрозува. Сите ние сме дел од овој свет, ретко кој успева да направи чоколадна торта од него…

Софија Величковска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?