Трето лице – Јелена Ѓиноска

Не останав на едно копање до бездната..

Никогаш не останав на една рана, на една насмевка, на една грешка.

Луѓето тежнеат и да ги направат одново истите грешки очекувајќи различен исход.

Како духови програмирани во нечиј живот, слепи копнежи редиме по број.

 

Некогаш во глувата ноќ , седнувам тивко на тремот.

Гледам во некоја далечна ѕвезда и чекам одговори.

Капка по капка од отровот кој се слева врз моите органи ми дава некоја утешна топлина.

Ми дава утешна сила да почнам да ги бројам сите мои копнежи, сите мои рани и грешки.  Да се сетам секогаш кога ќе настапи црнила пред моите очи  на сцените во кои јас самата бев безвучен дух во нечиј живот.

Како филм сцените се вртат, а јас само сакам да ги запрам, да ги дофатам,  да ги сменам.

Залудно.

Онаму каде што имало оган сега е црна пепел.

Слепо ја воденам со моите солзи.

Секое утро проверувам дали израснал нов живот.

Агресијата е заштитник на стравот, често ќе помислам.

За сите наши постапки, за секоја непромислена реакција.

Како некој опседнат демон кој наминал само да ја руши твојата куќа и спокојот кој владеел тука  и на крај си оди.

Оставајќи ме со безброј прашања и немир во градите.

Ти остануваш да гледаш во целиот гнев кој ја руши куќата.

Како трето лице.

Секогаш како трето лице.

Сè додека не дојде миг каде што твоите неколку лица ќе го пронајдат својот мир во ТЕБЕ.

Секогаш беше само ти, и никој друг.

Со скоро незабележлива насмевка, со чаша вивната кон ѕвездите ….наздравувам.

Но овој пат за себе.

Јелена Ѓиноска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?