Јас сè ти простувам

Јас сè ти простувам.
Ама не можам да ти ги простам очите,
ниту погледот нивни,
ниту насмевката што ми ја предизвикуваат,
ниту тагата што ја кријаат.
Очите не можам да ти ги простам.

Јас сè ти простувам.
Ама не можам да ти ја простам насмевката.
Не можам да ти го простам мирисот на кожата,
нежните допири,
убавите зборови,
тврдоглавоста,
копнежот мој по тебе,
мојот пламнат поглед,
мојата збудалена глава,
мојата зависност од тебе.
Ете тоа не можам да ти го простам.

Јас сè ти простувам.
Ама не можам да ти ги простам сите стихови
што ти ги напишав,
секој збор што од усни ми го изваде,
секој поглед што од тебе не можев да го тргнам,
сите писма што ти ги напишав,
сите повици,
сите вресоци по тебе.
Јас себеси за тебе не можам да си простам.

Јас сè ти простувам.
А ќе можеш ли ти да ми простиш мене?
Ќе можеш ли?

Лина Димоска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?