На една минувачка – Шарл Бодлер

Минував низ улица во која врева цари.
Висока и танка, во црнина и тага,
една жена мина, лесно, со раката блага
држејќи го здолништето со везени шари,
благородна, вита, со извајани нозе.

Згрчен како лудак, лакомо го пиев
од нејзиното око во кое луња спие
на сласта што убива пијалакот грозен.

Молња… и потоа ноќ! Убавино што бегаш,
ти чијшто поглед сиот ме препороди сега,
зар нема да се видиме во времето што иде?

Доцна! Никогаш, можеби, веќе! Тоа крај е!
Ни твој кат јас знам, ни мој пат ти знаеш,
ти, што можев да те сакам, ти, што тоа го виде!

Препев: Влада Урошевиќ

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?