Будни мисли на празен лист – Јелена Ѓиноска

Тешка тајна како сидро.

Со сокриен поглед ја чуствувам целата тежина која ме сопира,

Да подзастанам, да отфрлам,

Да присвојам нешто ново,

Да слушнам и кажам нешто неизречено.

Часовникот отчукува и јас знам..

Дека време е да ја отфрлам целата вина,

Насобрана од сечиј праг,

Од сечиј збор и прекор.

Пепелта ми се распослала во некои далечни полиња

во кои никој познат не ќе мине.

Да им одаде почит и љубов,

Каење и по некоја солза.

Ги оставам сите зборови зад себе,

Како остри ножови зарибани на својот грб.

И додека крвари јас дишам,

Вдишувам како за последен пат,

Како никогаш пред тоа.

Сакам да оживеам спомени кои одамна се закопани,

Залудно давајќи свеж воздух на ладно тело.

Сруен топол здив.

Газејќи врз водата на вината.

Што не си дарив дланка кога требаше.

Што немав сила да повредам друг.

Да го фрлам во оган за јас да останам на врвот.

Држејќи го она тивко достоинство што животот ми го дарил.

Како поклон скапоцен.

Без покајување и можност за враќање.

Лебдат саканите души во ладниот воздух.

А јас во мака и агонија се обидувам да ги дофатам,

Да ги прегрнам, да ги вдомам.

Со горка горчина во устата

И спомени кои не ме напуштаат дури ни кога спијам.

Луѓето сакаат да веруваат дека се исклучителни, знаеш?

Да бидат прогласени за хероини?

Да се множат безброј бесони ноќи и зборови во нивно име.

Како леплива пајажина да се врз сечие лице.

Да ги почитуваш и цениш.

За нив дури и да го прескокнеш својот страв

што како бездна ти се гледа

И ги искачиш планините извикувајќи го само нивното име.

Можеби така сакав да бидам сакана.

Со душа и мала доза на нарцисоидност

За моето его конечно да се смири и да заспие засекогаш.

Додека моето тело е заштитено и затоплено  врз твоето тело.

Слушајќи го ритамот на твоето срце,

И вечерното крцкање на дрвата кои горат.

Поистоветувајќи  го со нашата страст.

И тука во тој момент…

И мојата душа да воздивне со олеснување.

Јелена Ѓиноска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?