Дејзи и јас – Анастасија Лефкоска

Никогаш и не мислев дека ќе стигнам тука. Всуштност, ова и сè уште си го мислам за почеток, иако технички, во споредба од изминатите години одамна се оддалечив од почетокот. Правев муабет со Дејзи вчера. Ме засмеа, мислев дека се шегува, а потоа ме зачуди кога сфатив дека е сериозна. “Вил.” Ми рече, користејќи го надимакот што ми го беше дала уште на почетокот на студиите пред скоро една деценија. “Направив грешка Вил.” Си ја прегриза долната усна ко да сакаше да си се запре себеси од она што требаше да го изусти во мојата мала, темна колиба.

“Не го сакам.” Се засмеа влажно, бришејќи си ги солзите. “Не го сакам. Не ме сака. Ме изневерува. Имаме деца. Точка.” Пробрборе. Првпат во животов ја видов Дејзи таква. Дејзи, мојата секогаш исконтролирана Дејзи, секогаш ‘планирав пред време идиоте’ Дејзи. Секако дека знаев дека прави грешка. Уште од почетокот. За жал, бев сведок на многу вака започнати бракови. Едвај полнолетна девојка останува бремена, момчето ништо подобро од неа. Деца добиваат деца. Под притисок венчани. На почеток ветувања полни со ѕвезди и месечини, а на крај ни зрно песок не добиено. Можеби и тоа ме згади од бракот како институција.  “Замини.” Реков одлучно повлекувајќи од цигарата. Мразев да ја гледам Дејзи тажна, па затоа уште од почетокот замижав со очиве. Можеби згрешив, можеби затоа и не можев сега да ја погледам во очи ко што треба.

Немој да се мешаш. Не е твој живот. Послушав. Не се замешав и сега Дејзи е тажна, сега сините очи на Дејзи се отапени, брчките околу очите наместо од смеа од солзи ѝ се продлабени.  Се пуштив од прозорецот и клекнав пред неа. “Замини. Замини Дејз. Побогу ако не сте среќни зошто сте заедно?! Зошто си го правите ова еден на друг?!” Одлучив дека нема да замижам повторно. “Не можам. Имаме деца Вил.” Прошепоте Дејзи и се расплака. “Токму баш затоа! Токму баш затоа Дејз! Замини! Мислиш ли дека е фер? Погледни ме Дејз.

Погледни детство во несреќен брак што ми направи. Живеам на сред шума, мразам цивилизација. Имам замоци околу душава Дејз! Фер ли е?! Замини. Дај си шанса прво на себеси, а потоа и на децата да видат колку всушност е убава вистинската љубов. Зошто постои. Постои Дејз и ништо не се мери со неа. Верувај ми, цел живот пробувам да ја фатам на хартија и цел живот ми бега и цел живот одново и одново ме шокира. Замини и дај си шанса да оживееш повторно. Дај си и себеси шанса и нему и на децата. Понекогаш најхраброто нешто е да се откажеш…некои приказни едноставно водат во ќорсокак, скини ја страницата. Почни одново. Океј е.” Сега кога ќе се навратам на тој мој монолог, сфаќам дека колку што беше за Дејзи, толку беше и за мене, а и за сите што до пред триесетата мислат дека животот им е завршен.

Правев муабет со Дејзи вчера. Ме насмеа кога ја видов среќна како си ги шета малите в парк, прстот празен освен една неисончана линија. Бившиот сопруг стоеше на три чекори од нив и неговата насмевка како таа на Дејзи – олеснета. Се поздравив. Ги изгушкав. Ко дух од минатото ги здогледав зелените очи накај патот за дома, го стегнав пенкалото, а потоа и го пуштив на земја, тревата го придуши звукот. “Дејзи ми се јави. Рече дека имаш некој проблем со фаќање на љубовта на хартија. Можам некако да помогнам?” Се засмеав. Секако. Секако дека Дејзи ќе проба да ја врати услугата. Се засмеав и тивко во себе ги почувстував пукнатините на замоците и изумирањето на крокодилите околу нив. Можеби и треба да си го послушам сопствениот совет и да си дадам шанса и на себеси.

Правев муабет со Дејзи вчера. Рече дека ѝ одговара сингл животот. Рече дека преубава ми е бурмата и дека белото злато сега е во мода. Ми намигна.

Прочитајте го и расказот “Да живее кралицата!”

Од “Дневникот на една будала”

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?