Одгатнување – Алма Шемо

„Колку е прекрасно што никој не треба да чека момент за да го промени светот” – А. Франк

Булка, петопрст, камилица. Свртени кон сонцето. Изгубени во бескрајното небесно платно. Цутат. Љубени од безброј крилести пеперутки и цутат. Сите згрижени, вдомени под една ѕвезда наоѓајќи ја љубовта во секој кон нив посветен стих, сите цутејќи исто. Секој нивни лист, исто попрскан од волшебната возвишена љубов на природата.

Велат, човекот е најпосебно суштество на оваа планета. А, колку ли е брилијантен човечкиот ум кој не знае за суштината на својот мизерен живот? Колку ли е заробен тој ум кој го зазема местото на природата, кој дозволува од неговата уста да се лачат клети мисли; кој ја има храброста еден живот да го стави пред друг кога причината за секоја наша воздишка, моја, твоја, негова е единствено љубовта.

Кога сите би живееле во здивот, во мудроста на љубовта, почитта и еднаквоста, тогаш сите ние би ја одгатнале суштината на нашата душа. Првиот снег, мирис на јоргован; развигор и  луња, скала поблиску до совршенството. Љубов. Дете со сончева светлина заробена во кожата и виножитото во очите. Старец со безброј прекинати патишта запишани околу очите во кои спие месечината. Жена, амазонка, планина која ги вдомила зборовите како вжарена рана. Љубовта моја, твоја, сечија се надминува со уште поголема љубов. Секоја душа, секој здив, капка во која е заробен ветерот и сите волшепства на љубовта.

Единствено нешто што не е залудно е борбата за ова величение. Затоа, да се вивнеме заедно во крилјата на љубовта и да го надминеме универзумот!

Алма Шемо

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?