Од каде да почнам, а да не ме преплават повторно емоциите кои денес се присутни? Сабајлево на меил ни стигна една посебна честитка од еден наш редовен читател, но и надворешен автор чиишто творби ги објавувавме на блогот. Му благодариме јавно на убавите зборови и што ни ја испрати песната со која го честиташе роденденот.
Денес е денот кога точно пред 8 години го објавив првиот пост на блогот. Тогаш бев сама, без никакви планови, намери и цели поврзани со блогирањето. Се впуштив во авантурата која подоцна ми донесе многу нови нешта. Благодарна сум за сè досега, на Крајбрежје нема само еден член, сега сме присутни цел тим автори ентузијасти без кои блогот немаше да биде ваков каков што е.
Покрај тоа, Крајбрежје е веќе заедница од сите што ни испратиле барем една творба или стапиле на некаков начин во контакт со нас, учествувале на конкурсите и слично. Со овие 8 години зад нас, беа споделени многу мисли, се создаваа многу песни, прозни дела, се пишуваа колумни, есеи, рецензии итн. Се роди и радио емисијата „Кулитерација“ која е најнов проект што трае веќе цела година.
Поезија, проза, цитати, рецензии, рецитации (аудио и видео), статии, препораки, една заедничка „Антологија на тема Корона во време на новогодишни празници“ се само мал дел од нашите активности во изминатите години.
Огромна благодарност до сите наши редовни читатели и поддржувачи на нашата мисија. Вие сте дел од нашата приказна, од нашето Крајбрежје. Се надеваме дека приказната ќе продолжиме да ја пишуваме и понатака.
Посебна благодарност до целиот тим, дечки изјавувам јавна благодарност до вас (да не ве набројувам, ќе се препознаете), за вашата поддршка и целиот труд што го вложувате заедно со мене!
Среќна 8 годишнина! Да си дочекаме и јубилејни годишнини сите заедно. Среќен роденден Крајбрежје.
Лани го одбележавме денот со оваа честитка во вид на статија.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.