Самовилска игра

Врати се дома пред да се стемни,
пред да излезат на игранка голи самовили,
пред да се засопнеш на фрлените кошули и злото да те излаже да останеш, дур Сонце не осамне.

Врати се дома пред да те привлече музиката и да те излаже убавината на една натприродно моќна жена,
пред да те заведе и в шума да те одведе,
таму кај што ни глуво пиле не пропејува,
кај што нема ништо човечко и ни ветер не провејува,
туку растат само на гранки црвени малинки и се нижат по вратот илјадници врели бакнежи,
и вилите свират на харфи и тапани,
заробувајќи ги душите на сите несреќно заљубени.

Ако тргнеш таму по нив, чекорите засекогаш ќе ти бидат изгубени,
ќе копнееш по таа самовилска свадба, по тие малинки, по музиката,
по тоа место со светулки каде ни петел не кукурика,
по таа полјана каде што уште ко младо дете за првпат те одведе самовилата.

Врати се дома пред да се стемни,
послушај што ти велат старите,
не, не се тоа девојки и мажи земни,
тоа се вилењаците и самовилите,
а бабата до нив седната,
таа е баба Инсомнија,
седи и потпевнува и приказни раскажува,
слепа е ама нека не те лажат белите рожници,
те гледа навечер со очи на илјада соколи,
го става грнето на оген и те кани на чај од изгубени спомени,
знае дека не можеш да им одолееш на песните весели.

Врати се дома пред да се затемни,
пред да се изгубиш во велот на старите светови,
под стреата на куќата те штитат куќните духови,
ама и тие не можат да те заштитат од шумските самовили,
скршеното срце ним им е привлечно,
сакаат да го земат за нив заветно,
да докажат дека смртничката љубов не е вечна,
И сѐ тоа од љубомора, зошто тие не чувствуваат смртничка болка.

Ќе го заземат ликот на твојата сакана, ќе познаеш по тоа што ќе има дамка на кожата,
самовилски белег што не излегува,
било каква магија да го затскрие не може колку и да се обидува.

Врати се дома пред да се стемни,
пред да сфатиш дека живееш во самовилски круг веќе пет години,
пред да сфатиш дека не сакаш жена туку самовила со лик нејзин престорен,
врати се дома пред да ти текне дека си заборавен.

Врати се дома пред да се стемни,
пред самовилите да се разбудат и да ги фрлат кошулите бели.

И штом си дојдеш дома бакни го брат ти,
расплакан ќе ти каже дека не те видел пет години,
прегрни ги сите роднини,
раскажи им за шумските самовили,
прашај за девојката и ќе ти кажат дека одамна е мажена,
голтни, погледни низ прозорецот посакај ја повторно шумата.

“Врати се дома пред да се стемни”.
Шумолат лисјата.
“Поет само тебе те сакам.”
Вели бакнувајќи те самовилата,
очите тиркизни ѝ треперат,
запира на гласот нејзин и ветерот и наеднаш мрак во умот и тишина,
‘Која е таа?
Кој е брат ми?
Која е колибата?’

Од “Дневникот на една будала “

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?