Неискажано

Сè она што не сум ти го кажала стои закопано длабоко некаде во меѓупросторот на срцето, борејќи се да исплива на површина. Но секојпат е спречено, останува во темните простори, плива во неискажаното. Неискажано остана колкупати помислив на нас, а без да ме здоболи директно во душава. Не станавме “ние“, туку сме ти и јас, двајцата неискажани. Јас тонам во мојата недореченост, а ти се правиш наудрен божем не ти е грижа дека се оддалечуваме.

Не верувам ниту во последен воз ниту во последна шанса. Како коцкари сме што ги прокоцкиле шансите ако воопшто постоеја. Неискажано остана колку пати ми се појавуваше во сон, но се плашев да ти раскажам, да не си речеш измислувам само за да ти се приближам.

Неискажано остана колкупати посакав да беше еден од нас похрабар, поодлучен. Ако не сум јас, тогаш зошто ти не испадна храбар докрај? Камо да ми ја отвореше душата, па да чујам од тебе што те закочува. Да кажеше барем дека “никогаш нема да си се случиме“, за да можам да се опростам од помислата дека еден ден ќе бидеме еден покрај друг и во добро и во лошо.

Неискажано остана дека поради тебе се обидов да си ги срушам ѕидовите околу себе, дека ја пречекорив црвената линија и не ми е грижа. Но не сум била толку смела колку што мислев дека сум. За нас би ја поминала секоја невидлива граница и со тебе би одела до крајот на светот. Само да беше смел колку што мислев дека си.

Неискажано остана дека сè што сакав да ти кажам, повторно не успеав да го доискажам.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!