Кога тишината е луксуз

Толку беше тивко дури што можев да си го наслушам срцебиењето. Ваков луксуз од вечерна тишина немав почувствувано од крајот на последниот карантин. Живеејќи во место во чија преблиска околина по магистрален пат постојано минуваат автомобили во две насоки, по моја пресметка минимум дваесет во една минута, тишината знае да биде луксуз.

Навикната сум на надворешниот звук на којшто преку ден не му обрнувам никакво внимание бидејќи е задушен од мелодијата што ја слушам или од сопствената занесеност во некоја активност. Но секоја вечер без исклучок автомобилскиот звук доаѓа до израз. Од него лесно се побегнува со слушалки на уво, но честопати при обиди за заспивање знае да биде неподнослив. Она таканаречено „работење на мотор од кола“ слушнато по неколку пати во минута така се има приклештено за увото, што кога го нема настанува чудно спокојство.

За таквиот вечерен луксуз од тишина зборувам кој сите жители наоколу го добивме благодарение на новите мерки поради тековната пандемиска ситуација. Навикнатоста си ја одигрува својата улога маестрално. Луксузната ноќна тишина е единственото нешто кое е најпозитивно за време на полициски час. Во таквата луксузност некаде околку поноќ сакајќи да го повикам сонот во постела, си го слушав ритамот на сопственото срцебиење чијшто звук ми удираше дури до ушите.

„Мора да си премногу уморна“, ми рече внатрешниот глас којшто секогаш има можни одговори за секоја постоечка случка. „Како и да е, ми се допаѓа овој мир кој го немав откако се вратив во родниот град“, си помислив во себе. Некаде помеѓу мислите „кога ќе заврши сè ова и ќе продолжиме понатаму, по некој понормален тек“ и „конечно одмор“, мозокот делумно се исклучи и сонот пристина побрзо од очекуваното.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!