Мисли на еден совршено климав ум

Застани и запали ја цигарата,
слушни го треперот на лисјата и заборави ја за миг смртта,
фокусирај се на љубовта што ко хероин ти струи низ крвта,
вдиши и издиши ја таа мака црна.

Тој очај што ти го бои умот го клима и клати разумот,
те тера да се пикнеш в ќош и со денови да не излезеш од него,
разумот климав го трга велот од светот.

Геније ли си, идиот ли си?
Прашај ги гласовите,
тие ќе ти кажат,
но верувај во спротивното зошто навика им е да лажат.

Ќе успееш ли ако заспиеш засекогаш?
Ќе ти го спомнат ли името во алеата на великаните некогаш?
Ќе ти ја разберат ли суштината на зборот?
Ќе ја видат ли приказната запишана измеѓу проредот?

Заслушај го ветрот кај што надвор струе,
нека злото мислите не ти ги чуе,
нека, бар за миг умот со лудилото ти се ракува
и нека ја замолчи реката што нон – стоп те довикува.

Затвори ги очите и фокусирај се на тие светки пред тебе разиграни,
на воздишките на сите во провинцијата заспиени,
на крцкањето на дрвениот под,
на свитканиот над тебе свод,
на бршленот што одвреме – навреме се појавува,
фокусирај се на приказната.

Соочи се, на крај, дека ти си таа што прави журки само за да ја покрие тишината.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!