200 години од раѓањето на еден од најголемите поети Шарл Пјер Бодлер

200 години од раѓањето на еден од најголемите поети Шарл Пјер Бодлер (9 април 1821 – 31 август 1867). Овој поет, покрај поезијата се истакнал и во полињата на преведувачката и критичарската дејност.

Мајка му се премажила после смртта на неговиот татко

Бодлер е роден во Париз на 9 април 1821 година, во куќата на аголот од улицата Отфеј и булеварот Сен Жермен, како син на Франсоа Бодлер и Каролина со моминско презиме Аршанбо-Дефаи. Во 1827 година умрел неговиот татко, а веќе следната година, мајка му се премажила за мајорот Жак Опик, одликуван учесник во походите на Наполеон. Во 1837 година, на еден гимназиски литературен конкурс, Бодлер ја добил втората награда за стиховите напишани на латински, а две години подоцна бил исфрлен од гимназијата, поради тоа што не сакал да му го даде на професорот писменцето дофрлено од еден соученик.

Во 1845 година, во весникот „Артист“, излегол сонетот „На една креолка“, потпишан со името Бодлер-Дифаи. Во 1847 година, Бодлер се запознал со артистката Марија Добрен која, несомнено била инспирација за неколку песни од Цвеќињата на Злото. Револуционерната 1848 година, Бодлер ја пречекал со пушка о рака и со еден постојан извик кој од неговата уста ќе одекнува низ улиците на Латинскиот кварт: „Генералот Опик на стрелање!“. Кон крајот на оваа година се појавил неговиот прв превод на едно дело од Едгар Алан По.

Превод на Едгар Алан По

Во 1851 година, Теофил Готје го запознал Бодлер со Аполонија Сабатје, љубовница на еден богат банкар, која во својот салон собирала познати имиња од културната елита на Париз. Наредните години, Бодлер постојано ѝ испраќал писма и свои песни никогаш не откривајќи го сопствениот идентитет. Во Ревија на два света (Revue des deux mondes) се појавиле осумнаесет песни на Бодлер со белешка дека се дел од идната збирка Цвеќињата на Злото. Во 1856 година излегле Необични приказни од Едгар Алан По, во превод на Бодлер.

Највлијателната збирка поезија на XIX век – Цвеќињата на Злото

На 25 јуни 1857 година, годината во која умрел генералот Жак Опик, од печат излегла највлијателната збирка поезија на XIX век – Цвеќињата на Злото чиј наслов го предложил Иполит Бабу.

Во недовршениот нацрт на предговорот на „Цвеќињата на злото“, Бодлер напишал:

Оваа книга не е напишана за моите жени, ќерки и сестри, ниту за жените, ќерките и сестрите на мојот сосед. Тоа им го препуштам на оние кои имаат интерес да ги спојат добрите дела со убавиот јазик. Некои ми рекоа дека оваа поезија би можела да нанесе зло; не се израдував на тоа. Другите, со добра душа, дека таа би можела да прави добри работи; и тоа не ме натажи.

Огромно влијание на симболистите

Книгата ќе биде огромно влијание врз творештвото на Артур Рембо, Стефан Маларме и Пол Верлен и се смета за врвно достигнување на светската лирика.

Основни теми кои преовладуваат во песните се декаденцијата и еротицизмот.

Првото издание на книгата ги организира песните во пет одделни секции:

– Spleen et Idéal (Сплин и Идеал)

– Fleurs du mal (Цвеќиња на злото)

– Révolte (Побуна)

– Le Vin (Вино)

– La Mort (Смрт)

Воведната песна во делото во која Бодлер го нарекува Сатаната Хермес Трисмегист и каде ја опишува Здодевноста како чудовиште, веднаш ја воспоставува грозоморната атмосфера низ која се ваја остатокот на делото

Решивме да ја споделиме неговата песна Сплин- LXXVI која е типичен пример за неговите очајни состојби и чемерот кој го следел целиот негов живот.

Сплин- LXXVI

Небаре десет века стар –  толку многу помнам.

со стихови, документи, тужби преполн орман

кај што меѓу сметки колак коса лежи скриен

и куп љубовни писма – помалку тој шкаф крие

тајни од мозокот мој полн темнина до дното.

Во таа пирамида, во тој бескраен потон

повеќе мртовци отколку во заеднички гроб лежат.

– Јас сум гробиште врз кое страв ноќе е стежнат

кај што долги црви лазат како лоша совест

и нивниот рој низ мртви најсакани рове.

Јас сум ветна спална полна овенати ружи

кај што куп дреи само на безредие служи,

кај што сликите на Буше и пастели бледи

на мирисот стар ги дишат последните следи.

Овие дни куци бавно, страшно бавно течат

и тогаш здодевноста, под тешкиот бел печат

на снежните години, од плод на тапост темна

форма на една бесмртност бесконечна зема.

Отсега си само гранит, материјо жива

со страв чуден окружена нема карпа сива,

што се крие на дното од маглена Сахара

стара Сфинга што никој на карти не ја бира

што сред заборавот, полна лоша волја, бдее

и само под зраците на зајдисонце пее.

Препев: Влада Урошевиќ

Анализа

Да направиме кратка анализа на песната:

Со оваа песна поетот ги прикажува  сите нелагодности кои ги носи животот. Во оваа песна, напишана во прво лице, Шарл Бодлер го прикажува невиот очаен живот, неговото битисување.

Главни теми

Поетот го прикажува целото свое животно искуство на еден хиперболичен начин.  Ги попишува хаотично неговите спомени.

Опседнат е со неговата меланхоличност и чувство на здодевност. Тој е странец за себе и за светот.

Поемата има неправилна форма, што произглегува од неговата внатрешна состојба и неговата опседнатост со поминувањето на времето. Поделена е на фрагменти, но и тие се на некој начин разобличени.

Песната акумулира различни слики, мозокот на поетот е парче мебел, пирамида, гробишта, стара спална, гранити сфинги. Меланхолијата (сплинот)  е спротивна на хармонијата, тоа е симбол на хаосот на душата.

Апатијата се провлекува низ целата песна

Првиот стих е најава и дава впечаток дека меморијата на поетот е огромана, тој е човек уморен од животот, малаксан и апатичен. Овој стих ја наговестува апатијата на целата песна.

Бодлер прави споредби на неговите спомени со разни метафори.

Материјални потешкотии, биланс на тековна состојба, разни судењa, сметки, така одекнува ехото на Бодлер во кое се наоѓа и татковското наследство, но и големиот број на долгови кои ги имал во текот на животот. Тоа се понижувачки и болни спомени. Но, има и љубовни спомени, спомени за уметноста, особено за сликарот Буше. Бодлер го поминал раното детство опкружен со уметничките дела на неговиот татко и станал уметнички критичар. Сите негови спомени се девалвираат затоа што се натрупани, измешани во ѓубре.

Мозокот на поетот станува пирамида, свод, гробишта, метафората ги претвора неговите спомени во коски. Неговата меморија станува поле со мртви трупови.

Осуда на самиот себеси

Се осудува, се кае за тоа што не бил успешен ни како поет, ни како уметник. Верува дека меланхолијата ги напаѓа поетите на посебен начин, ги прогонува и остава кај нив посебно чувство на празнина и ништожност и здодевност.

Досадата доведува до смрт на душата, на битието, поетот, туѓ за себе и заборавен, ќе се скамене и ќе потоне во смртта без никој да знае за него.

Песната e лирска, автобиографска, и е произлезена од целиот товар на животот на поетот. Има романтични, но и аудитивни звуци со што Бодлер го наговестува симболизмот.

Прочитајте ги другите песни на Бодлер На една минувачка – Шарл Бодлер
Душата на виното – Шарл Бодлер
Шарл Бодлер – Албатрос
Созвучја – Шарл Бодлер

Исто така прочитајте ги и следниве мисли од Шарл Бодлер, највлијателниот француски поет од 19 век.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?