Во изминативе 20 месеци профилот на просечен фејсбук корисник кај нас повеќе е исполнет со статуси за згаснати животи наместо за нови. Живееме во пандемиско време кое не ни сонувавме дека ќе ни се случи. Токму во таквото време кога треба да се ценат вистинските вредности повеќе од никогаш, луѓето се однесуваат како да не ја научиле лекцијата.
Што ли треба да се случи за да прекине говорот на омраза и меѓусебното нетрпение? Дали воопшто може да биде искоренет тој начин на (онлајн) комуникација сè додека постои човештвото? Во период кога илјадници луѓе ја изгубија битката со ковидот, кога се зацрнеа многу семејства, хејтот (омразата) ни малку не е запрен/а. Ќе се сконцентрирам на злобните и навредувачки коментари од рандом луѓе кои ги постираат по фејсбук статусите. Под фотографиите од одредени луѓе или јавни личности, под објавите и друго.
Зарем не ви стана доста од препукувања? Не ви здодеа од поделби на наши и ваши, патриоти и предавници, леви и десни? Зарем ги делите луѓето на добри и лоши според нивните определби и одлуки? Нели човекот ви е човек само затоа што е од крв и месо исто како вас? Или за да биде вреден и достоен треба да има позиции, контакти, достигнувања, гледишта исти како вашите? За ако барем во едно нешто не сте усогласени почнете да плукате по него и да се служите со навредливи зборови?
Говорот на омраза е негативен сегмент од секое современо општество. Ние како единки сме дел од истото. Ако ние не го дигнеме својот глас против негативностите, кој би го направил тоа место нас? Секој говор на омраза веднаш треба да биде прекинат кога би се прашувала јас. Само една обична посета на социјалните мрежи, или групи по тие социјални мрежи е доволна за да се забележи нетолеранцијата и непочитувањето меѓу луѓето. Истите тие ниту се познаваат лично. Не ни мора да си го знаат ликот за да почнат со меѓусебни препукувања и вреѓања. Нели ви кажува ова многу? До каде сме стигнати?
За жал не постои магично стапче кое би направило да исчезне овој сегменет во нашето опшетство. Не постои формула која би го решила ова прашање веднаш. Позитивниот аспект на ова е што сè зависи од нас, од луѓето. Ако ние сме почнале нешто, најверојатно можеме да го завршиме. Ако не можеме да го прекинеме целосно, можеме барем да се обидеме да го запреме или да го на намалиме.
Доволна е само една малечка “искра“ од лајк (реакција) или коментар за да се започне жолчна расправија дури и за вести од шоу бизнис. Не зборувам стриктно за политички теми и дебатирања. Тие се последни на листата, но се најбројни и најупадливи. Се работи за несогласување по одредена тема на некое прашање, спротивставено мислење за кое се доволни минимум двајца за да избие конфликт.
Во тој конфликт двете спротивставени страни се толку силни на тастатура што копчињата ги куцаат со брзина на светлината не бирајќи ги зборовите. Се водат по девизата: „Колку посочно и подрско, толку подобро“. Дали ќе го заокружите денот како поуспешен ако во него избегнете да оставите било каков негативен коментар кон некого? Или денот не смее да помине без барем еден негативен статус насочен кон некој друг, кој не се ни познава?
Овој говор на омраза не се случува само на социјалната мрежа „Фејсбук“. Се случува и на „Инстаграм“ каде некои кориснички со повеќе следбеници добиваат хејт коментари со лични навреди упатени од рандом луѓе (најчесто со лажни профили). Ова им се случува дури и на странските блогерки. И води до заклучокот дека е “проблем“ на глобално ниво. Најверојатно говорот на омраза (макар бил и виртуелен) ќе постои сè додека постојат луѓето и интернетот. Меѓутоа треба да се прават промени.
Но ајде да почнеме да правиме промени, тргнувајќи од себе! Од пред некој ден излезе видео токму на оваа тема во кое беше прикажано како би ни изгледал еден обичен ден доколку хејт коментарите од “онлајн просторот“ се префрлат во меѓусебната дневна комуникација. Навистина би владеел вистински пекол доколку секој се служи со погрдни, навредливи коментари кон другиот. Дури тек тогаш војната никогаш не би прекинала. Што ни покажува самото видео, меѓудругото?
Видеото покажува колкава е моќта на зборот. И како тоа негативните зборови прават промена во нашиот живот. Дали ја сфативте неговата порака? Навредите по социјалните мрежи ја даваат истата слика како во видеото, со разлика што се во писмена форма и истите не се изговорени со уста.
Како започнува промената од нас? Најпрво, да се запрашаме дали би сакале да прочитаме некоја навредна упатена кон нас? Потоа, дали вреди на некој што не го познаваме да му упатуваме негативен коментар ако не се согласува со нас? Што би променил нашиот коментар ако од него нема никаква корист? Да тргнеме од самите себе, запрашувајќи се дали воопшто е корисно да се дебатира со неистомисленик ако ништо вредно и корисно не може да се заклучи накрај?
Трето прашање кое секој треба да си го постави пред да се одлучи да испрати кон некого говор на омраза е: „Дали овој коментар некому би му служел и дали ќе му помогне?“
Следно прашање кое е корисно секој да си го постави пред да се осмели да навреди некого е: „Како би ми било мене да ми го кажат ова или истото да го прочитам за себе?“. На ова се надоврзува и ова прашање: „Дали твојот коментар упатен кон некого или за одредена тема би направил некоја корисна промена кон оној што е упатена?“ Ако одоговорот е негативен тогаш да се запрашаме дали вреди воопшто да се остави негативен коментар од кој никој не би имал корист.
Стоп за хејт коментарите, стоп за говорот на омраза! Да го негуваме пишаниот збор издигнувајќи ги корисните зборови на пиедесталот бидејќи само тие вредат. Водете се по изреката: „Убавиот збор железни врати отвара. Ако некому немате да кажете нешто позитивно и убаво, подобро премолчете. До следно!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.