Ти си клучот на овој град

Не знам кога точно јас останав заробена во тие твои темни очи. Се обидувам да го откријам моментот. Да сфатам кога точно сум потонала таму. Дали тоа било некое случајно разминување, кога погледите ни се судриле? A ниту јас сум ги забежала твоите црни очи. Ниту ти си ги видел моите, со боја на мед. Дали тоа било кога еднаш случано те видов како еуфорично раскажуваш? А немав поима дека тоа си ти. „Каква будала“, си помислив додека ти мафташе со рацете и имаше некоја чудна експресија на лицето. Ниту еднаш не помислив будала како мене. Ниту еднаш не помислив моја будала. Дали тоа било тогаш кога еднаш случајно ти го слушнав гласот и си помислив „Овај ќе е мој! Па нека биде што сака!“. Или не потонав воопшто. Бидејќи ти ми ја стегна цврсто душава. Не ѝ дозволи да потоне.

Пробувам да те одгатнам. Се обидувам да те разоткријам. Ама не можам. Некогаш личиш само на мене. Некогаш личиш на сите други. Некогаш не личиш на ниту еден. Некогаш си свој. Себичен. А  некогаш си мој. Топол. Драг. Мил. И ако ми кажат да изберам еден збор што ќе те опише, јас само „Аман“ ќе им речам. Аман со него! Аман од него! Аман од очите негови! Аман од насмевката негова! Аман од кожата! Од мирисот! Од допирот! Аман од мисливе мои за него! Аман од копнежот по него! Аман! Аман, нека ме стегне цврсто! Аман, нека ме остави засекогаш! Аман! Аман, нека направи нешто! Само нека направи нешто! Конкретен чекор. Јасен потег. Аман! Ама нека не помислува да ме пушти. Нека ме зароби. Аман, нека ме зароби, па макар и само негова да останам.

Оти ти си клучот. Ти си клучот до слободата моја. Јас слободна станав со тебе. Ти ме научи дека се зависи од мене. Единствено од мене. Јас сум моја одговорност. И само така можам да сум слободна. Ти си клучот на душава. Ти си клучот на овој град. Булеварот. Тротоарите. Плоштадот. Јас насекаде те барам. За да се судрам со тебе. Да те здогледам. Проклето нека е. Само да те здогледам. Само еднаш да те видам.

Оти ти си се сокрил секаде. Ти си мирисот на липите. Ти си мирисот на градот после дожд. Лудило од петочна вечер. Саботно кафе. Утро во недела. Обврска во понеделник. Повик во четири на утро, оти само ти си буден тогаш. Стегање на дланка. Караници! Немир! Копнеж. Рамо за плачење. Цврста прегратка. Секс после жестока расправија. Повик на пијанство. Безброј искуцани зборови, а потоа избришани и никогаш неиспратени. Моето „Ништо“, како одговор на „Што ти е?“.

Ако сакаш да знаеш што си ми ти мене, еве ти кажав. Тоа си ми. Аман! Аман и од тебе! Аман и од мене! Аман и од нас! Аман! Аман, фати ме! Аман, пушти ме! Аман, хаос во главава направи ми! Аман, загуши ме со бакнежи! Аман, остави ме! Аман, цврсто стегни ме! Аман! Аман, направи нешто. Аман, не доаѓај! Аман, појави се! Аман, постои! Аман, биди ова! Аман! Нека нема ниту еден друг каков што си ти.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?