Баба Рога – руска народна приказна

Си живееле маж и жена и имале само една ќерка. Еден ден жената се разболела и починала. Тагувал нејзиниот маж, тагувал и еден ден решил да се ожени за друга жена. Маќеата не го сакала девојчето, постојано го тепала, го карала и се мислела да се ослободи од него. Еднаш таткото отишол некаде, а маќеата му рекла на девојчето:
– Оди кај сестра ми, твојата тетка, и замоли ја да ти даде игла и конец, за да сошијам кошула.
А, тетката била Баба Рога – Дрвена Нога.

Не смеело девојчето да ја одбие маќеата, па тргнало, но пред тоа отишло кај нејзината вистинска тетка.
– Добар ден, тето!
– Добар ден, внучке! Зошто дојде?
– Ме испрати маќеата кај сестра ѝ по игла и конец, сакала кошула да ми сошие.
– Добро е што пред тоа си дошла кај мене, внучке, – ѝ рекла тетката. – Еве ти една панделка, масло, парче месо и парче леб. На патот ќе видиш една бреза која ќе те удира по очите, а ти со панделката заврзи ја. Потоа една врата ќе шкрипи и нема да сака да се отвори, а ти со маслото намачкај ја. Потоа ќе наидеш на кучиња што ќе сакаат да те раскинат, а ти дај им лепче. Потоа ќе ти се појави една мачка што ќе сака очите да ти ги ископа, а ти дај ѝ малку мевце.

Ѝ се заблагодарило девојчето на тетка си и тргнало. Одело, одело и стасало во една шума. А во шумата си стоела една куќарка на кокошкини нозе, а во куќарката си седела  Баба Рога и платно ткаела:
– Добар ден, тето!
– Добар ден, внучке! – одговорила Баба Рога.

-Зошто дојде?
– Ме испрати маќеата да побарам од тебе игла и конец за да ми сошие кошула.
– Во ред, внучке, ќе ти дадам игла и конец, а ти седни тука малку и поработи!

Девојчето седнало до прозорецот и почнало да ткае. А, Баба Рога излегла во дворот и ѝ рекла на својата слугинка:
– Сега ќе си легнам да спијам, а ти оди во бањата и избањај ја внука ми. Само убаво измиј ја зашто кога ќе се разбудам сакам да ја изедам.

Девојчето ги слушнало тие зборови и многу се исплашило.

Кога отишла Баба Рога таа ѝ се приближила на слугинката, па ѝ рекла:
– Драга моја, не ставај толку дрва, повеќе вода ставај, а водата гледај со решето носи ја! – и ѝ подарила шамиче.
Слугинката ја подгревала бањата, Баба Рога се разбудила и прашала:
– Ткаеш ли, внучке, ткаеш ли, мила?
– Ткаам, тетко, ткаам, тетко!

Баба Рога повторно легнала да спие, а девојчето ѝ дала на мачката парче месо, па ја прашала:
– Мачко, сестро моја, кажи ми како да побегнам оттука?
Мачката, пак, ѝ рекла:

– Онаму, на масата има едно шамивче и едно чешле, земи ги и бегај што побргу оти Баба Рога ќе те изеде! Таа ќе почне да те брка, а ти допри го увото со земјата. Кога ќе слушнеш дека таа е во близина фрли го чешлето и ќе израсне густа шума. Дури таа се пробива низ шумата ти далеку ќе избегаш. А, кога повторно ќе слушнеш дека е блиску, фрли го шамивчето и ќе се појави широка и длабока река.

– Ти благодарам, мачко, сестро моја! – рекло девојчето.

Ѝ се заблагодарила уште еднаш на мачката, го зела шамивчето и чешлето, та почнала да бега. Му се фрлиле кучињата и сакале да го оддерат живо девојчето, а тоа им фрлило леб и тие ја пуштиле. Стасала до вратата, но таа почнала да шкрипи и не сакала да го пушти девојчето. Тоа го зело маслото и ја подмачкало вратата, и таа се отворила. Одеднаш почнала да шумоли брезата и да го боцка во очи девојчето, а тоа и врзало панделка на брезата. Брезата, го пуштила девојчето. Трчало девојчето колку што имало сила.

Бегало и назад не погледнувало. За тоа време мачката седнала до прозорецот и почнала да ткае. Ама не ткаелаа, туку се преправала!

Се разбудила Баба Рога и прашала:
– Ткаеш ли, внучке, ткаеш ли, мила?
А, мачката ѝ одговорила:
– Ткаам, тетко, ткаам, мила!

Влегла Баба Рога во куќарката и гледа девојчето го нема, а мачката седи и ткае. Почнала да ја кара Баба Рога мачката:
– Ах, ти, мивке една! Ах, ти, злобнице! Зошто го пушти девојчето? Зошто не му ги ископа очите? Зошто лицето не му го одра?
А, мачката ѝ одговорила:
– Јас тебе толку години ти служам, ти мене ни коска не си ми фрлила, а таа мевце ми даде!

Истрчала Баба Рога од куќарката и им се нафрлила на кучињата:
– Зошто не го искасавте девојчето?
Кучињата ѝ одговориле:
– Ние тебе толку години ти служиме, ти сува корка не си ни фрлила, а таа лепче ни даде!

Отишла Баба Рога кај вратата:
– Зошто не шкрипеше? Зошто го пушти девојчето?
А, вратата ѝ рекла:
– Јас тебе толку години ти служам, ти со вода не си ме полила, а девојчето со масло ме подмачка.

Тргнала Баба Рога кај брезата:
– Зошто не ги избоцка очите на девојчето?
Брезата, пак, ѝ одговорила:
– Јас тебе толку години ти служам, ти мене ни со конче не си ме подврзала, а девојчето панделка ми подари!

Почнала Баба Рога да ја кара слугинката:
– Зошто, мори никаквице една, не ме разбуди? Зошто ја пушти?
Слугинката ѝ рекла:
– Јас тебе толку години ти служам и ни еден убав збор не сум добила, а таа мене шамивче ми подари, а и многу беше љубезна со мене!

Почнала да вреска Баба Рога, потоа седнала во еден котел и тргнала да го лови девојчето. Со стапот го протерувала, а зад себе трагите со метла ги прикривала.

А, девојчето трчало ли трчало. Потоа застанало, се приближило кон земјата и слушнало како се тресе земјата, Баба Рога е блиску!
Го зело девојчето чешлето, та го фрлило преку десното рамо. И одеднаш се појавила шума, густа и широка: корењата на дрвјата земјата длабоко ја продирале, а врвовите облаците ги пробивале.

Се приближила Баба Рога и почнала да ја гризе и да ја крши шумата. Гризела ли, кршела ли, а девојчето бегало. Поминало некое време, девојчето се приближило кон земјата и слушнало како се тресе земјата, Баба Рога е блиску!

Го зело девојчето шамивчето и го фрлило преку десното рамо. Во тој миг се разлеала река – широка – преширока, длабока – предлабока!

Дошла Баба Рога до реката и од злоба почнала да шкрипи со забите – не можела да помине преку реката. Се вратила таа дома, ги собрала своите волови и ги однела кај реката:
– Пијте, волови мои! Сета вода, до дното, испијте ја!

Почнале да пијат воловите, а водата во реката сé иста останувала. Се налутила Баба Рога, легнала на брегот и самата почнала да пие вода. Пиела, пиела – пиела, пиела сé дури не пукнала.

А, девојчето за тоа време бегало ли бегало.

Вечерта се вратил таткото дома и ја прашува жена си:
– Каде е ќерка ми?
Жена му, пак, му одговара:
– Отиде кај тетка ѝ, требаше игла и конец да донесе, ама се задржа нешто.

Се загрижил таткото, па сакал да тргне и да ја бара ќерка си, а во тој миг девојчето влетало дома, сето задишано, воздух не можело да земе.
– Каде беше, ќерко? – ја прашал таткото.
– Ах, тате! – му одговорила ќерката. – Маќеата ме испрати кај нејзината сестра, а сестра ѝ е Баба Рога – Дрвена Нога. Таа сакаше да ме изеде. Одвај избегав од неа!

Кога дознал таткото толку многу се налутил што со најпогрдни зборови ја избркал жена си од дома. А, потоа? Си останал да си живее сложно со својата ќерка!

Прочитајте ја и поучната приказна за разликата помеѓу љубовта и бракот.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!