Вистинската награда – СП Апостол

“И ако ги сакате оние, што вас ве љубат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците ги милуваат оние, што ги сакаат нив. И ако им правите добро на оние, што вам ви прават добро, каква ви е наградата? Оти и грешниците го прават тоа. И ако им давате заем на оние, од кои се надевате дека ќе ви го вратат, каква ви е наградата? Зашто и грешниците им даваат заем на грешници, за да им се врати истото. Туку вие љубете ги непријателите ваши и чинете добро, и на заем давајте, не очекувајќи ништо. Така, ќе биде голема наградата ваша и ќе бидете синови на Севишниот; зашто и Он е добар кон неблагодарните и кон лошите.”  (Лука 6, 32-35)

Доста контрадикторно прашањето за постоењето на љубовта е кога се превагува намерата каде да завршат нејзините стрели и интензитетот со кој таа земјотресно ќе ја потресува постигната цел. Начелно оваа расправа не ни требаше да биде зачната затоа што во темелот на љубовта е вонвременската предаденост кон нејзиниот објект и тоа со заслепена страст со која и планини се преместуваат далеку од нивното подножје.

Што се случува со сомнежот за нејзиното родено име кога некој се раздумува во моментите кога треба да ја исфрли од себе, запали сè околу себе и повторно го изнесе од пепелот љубеното? Зошто би постоеле пречки таа да се двои помеѓу едно и го љуби од дното на изворот и помеѓу друго за кое се однесува посвојнички како кон заборавено сираче? Одговорот е поставеноста на органите во едно човечко тело во еден дисбаланс кој ја нарушува функцијата на срцето вметнувајќи му ги ставовите на разумот.

Ја љубам мојата симпатија, девојка, сопруга, нејзините деца, моите родители, моите пријатели… оа е круг чија широчина ќе зависи правопропорционално со димензиите на моето срце и да речеме ќе може да се измери во километри. И секој кога би ја додал својата метража би се формирал еден непрегледен круг кој можеби би ја надминал должината на сите патишта во светот. Не верувам дека таа, навистина долга љубов, би била доволна да ја прикрепува земјината топка да нѐ падне од нејзината тежа. Да му помага на сонцето да ја загрева доволно и во најстудените зими и да ги полни облаците со вода неопходна за семето во нејзината утроба и создавање на виножитото.

Потребно е уште, да ги љубам и другите кои не сум ги засакал. Да се направи добрина е една од доблестите и се состои во тоа да се помогне некому кој поставил барање наоѓајќи се во незавидна позиција, има потреба од нешто за кое сам е немоќен да го добие, а се остварува преку однесување, постапка или давање на материјално добро. Свесен дека сето тоа ќе го добијам од некого во секое време или веќе сум го добил во минатото, подготвен сум да возвратам во истата мерка и со истата широкоградност, без многу напорно да калкулирам.

Повторно кругот на поклоници на оваа теорија, иако голем, ќе биде ограничен и сведен само на добиената корист, без можност давањето да добие форма на океан од излеани чувства кои ги поттикнале солзите во очите и треперливите раце од возбуда на молбобарателот. Давањето на опипливо добро може да добие и финансиска конотација и се претвори во заем. Тогаш веќе самата конструкција ќе побара и пресметки на камата, рати на враќање и не дај Боже судска завршница после изникнати недоразбирања.

Со други зборови, внимавај каде ќе позајмиш и дали си добил хипотека на душата на позајмувачот, гаранција која ќе ти овозможи мирен сон и пријатна реализација на идните планови. Да не напоменувам дека и оваа бизарност се вклучува во автопатот кој води до кругот кој не води никаде освен во илузијата дека постојат добивки кои многу нема им користат на мртвите души. После овие ситуации не останува ништо друго освен да ги љубиме непријателите наши и да им чиниме добро, на заем да даваме, не очекувајќи ништо.

Да бидеме поинакви од луѓето во кругот за да конечно се зголеми количината на љубовта во универзумот со што ќе биде доволно да им се оддолее на предизвиците кои ги имаме и многу во овие времиња. А покрај тоа ќе добиеме и награда. Прво, ќе бидеме синови на Севишниот, не наемници и робови, не сираци оставени да талкаат по земјата пуста измамени од Лукавиот. И второ, ќе бидеме како Небесниот татко, добри кон неблагодарните и лошите, како што Тој е кон нас кога сме такви.

СП Апстол

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?