Да веруваш во себе е најпаметната одлука што можеш да ја донесеш во овој миг

Што значи вербата освен нешто кое ни дава сила да се движиме понатаму? Вербата во одреден поим, предмет, човек, божество, животно, мит, легенда, лага итн. му е неопходна на човекот во текот на животот. Како еден вид движечки мотив кој му дава одредена нота на живост на човековото постоење.

Кои би биле ние доколку не веруваме дека сме тие што сме? Кои би биле доколку мислиме дека сè околу е лага, а и ние самите сме една лага? Дали без верба би можело да се живее? Дали може да се живее без верба дека животот е вреден за живеење? Најверојатно би можело, но би било сведено на меланолично битисување колку да се рече дека се живеело.

Кога станува збор за вербата во себе, о колку е само таа важна и клучна во нашите животи. На некој начин ни ги обликува сите животни искуства, но и донесени одлуки како и последиците од нив. Некогаш не е лесно да си веруваме на самите. Посебно во оние моменти кога тагата се надвиснува и мислиме дека нема понатаму.

Понекогаш е тешко да им поверуваме и на сопствените мисли. Тие можат да ни бидат најдобри пријатели, но и непријатели. Да веруваш во себе е најпаметната одлука што можеш да ја донесеш. И тоа веднаш. Во случај да си подазаборавил/а дека не си дојден/а на овој свет без причина, тука сум за да те потсетам. Не заборавај да веруваш во себе во секој миг, дури и кога тие непријателските мисли ти го велат спротивното.

Негативните мисли насочени кон себе се гадни лажливки што се здружиле со несигурноста и несамодовербата со намера да те сопрат. Не им дозволувај! Ти си полсилен/посилна од секој свој сомнеж во себе. Покажи му на другиот во себе (внатрешниот глас) дека можеш да оствариш сè што ќе наумиш. Докажи си пред себе дека си достоен на својот збор. Дека можеш да ги поткрепеш своите зборови со дела, од оние кои сами по себе ќе зборуваат за својата јачина и вредност.

Не заборавај да веруваш во себе, вети си го тоа на себеси. Тоа е најмалку што можеш да го направиш во овој момент. Но истото тоа вреди непроценливо многу. Верувај во себе и не дозволувај да биде спротивно. Не заборавај и да работиш на љубовта кон себе. Заедно со вербата тие одат рака под рака. Колку повеќе веруваш во себе и си докажуваш зошто вреди вербата во себе, толку повеќе ќе си ја гаиш љубовта кон себеси.

Верувај, љуби се себе, блиските, пријателите, животните, љуби го животот и сè во него. Со верба силата на духот станува поголема, а кога духот е силен, секој предизвик станува полесен.

Н.Н

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?