Skip to content

Почина академик Богомил Ѓузел по кратко боледување

Од МАНУ денес (22.4.2021) соопштија дека починал академик Богомил Ѓузел по кратко боледување. Тој си замина во 82 година од животот, беше редовен член на Македонската академија на науките и уметностите.

Богомил Ѓузел  беше поет, раскажувач, драмски писател, есеист. Припаѓаше на третата повоена генерација македонски писатели, онаа генерација што се појавува во втората половина на педесеттите години на дваесеттиот век. И која со своето дејствување ќе изврши пресудно влијание врз процесот на дедогматизацијата и модернизацијата на македонската литература, придонесувајќи за победата на оние сили кои се бореа за проширување на хоризонтите на творечките слободи и за внесување на македонската култура во Европа и во светот.

Акад. Ѓузел е роден на 9 февруари 1939 година во Чачак, Србија. Дипломирал во 1963 година на Катедрата за англиски јазик и литература на Филозофскиот факултет на Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Во период 1963–1964 година работел како ТВ реализатор во РТВ Скопје. Во 1964/65 година бил на постстудиски престој на Универзитетот во Единбург, како стипендист на Британскиот совет.

По враќањето, од 1966 до 1971 година,  работел  како  драматург  во Драмскиот театар, Скопје. Во пеиод од 1971 до 1973 година работел како програмски директор на Струшките вечери на поезијата. Од 1976 година работи како библиограф во Народната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Од 1985 до 1999 година, како драматург во Драмскиот театар, Скопје. Од 1999 година е в.д. директор на Струшките вечери на поезијата, до пензионирањето во март 2004 година.

Во меѓувреме бил секретар на Македонскиот ПЕН центар (1963–64), секретар на Друштвото на писателите за односи со странство (1970–72). Тој е еден од основачите и прв претседавач на Независните писатели на Македонија (1994), на чиј двомесечник за литература и култура „Наше писмо“ е главен и одговорен уредник од неговото основање во 1995 година.

Учествувал на Интернационалната програма за пишување во Ајова Сити, САД (1972/73) и на меѓународните поетски фестивали во Ротердам (1978 и 1995), Сан Франциско (1980), Херлен (1991), Магар, Израел, (2001), Мастрихт и Валенсија (2002), Берлин (2006), Лодев (2007), Сараево (2008), Загреб (2009), Вилнус (2010), Истанбул (2011).

Творештвото на акад. Богомил Ѓузел

Творечкиот опус на акад. Богомил Ѓузел опфаќа повеќе од 230 библиографски единици, од кои триесетина се поетски збирки, над 90 единици се објавени песни во антологии, списанија, зборници и сл., 85 единици се преводи на дела од странски автори, 23 единици се прозно творештво, како и редакции и уредништва на антологии, зборници, списанија и сл. За творештвото на акад. Ѓузел се напишани и голем број на критики и осврти, како од домашни, така и од странски автори.

Награди и признанија

Акад. Ѓузел е добитник на најзначајната книжевна награда „Браќа Миладиновци” за најдобра поетска книга помеѓу две Струги (двапати) и наградата за преведувачки опус „Кирил Пејчиновиќ”. Тој е добитник и на главната награда на Меѓународната писателска средба во Загреб во 2002 година.

По повод смртта на акад. Богомил Ѓузел, Македонската академија на науките и уметностите ќе одржи Комеморативна седница преку видеоконференциска врска со употреба на интернет-комуникација, за што јавноста ќе биде навремено информирана, соопштија од МАНУ.

Напишете коментар