…злосторството на постоењето…
Жак Лакан *
Зошто сè уште се таи семето?
Зошто не никна ни пролетва?
Мртво ли е, или уште не му дошло времето
за да про`рти и процвета?
Не-дај-боже да порасне во злодоба –
освен ако не мора под чкрапец на `ркулецот
за да не се осуши или скамени –
тогаш барем ќе може да посведочи
пред да го стават во ќесичка
за сечија сезонска употреба
па да го засадат во леи построени
за да го кастрат за украси пригодни…
Дали децата ги сонуваат цвеќињата
на кои уште не им ги знаат ни имињата,
како што можеби и Адам нив ги сонувал
пред дури да ги видел и именувал?
Или тоа само ни доаѓа на сон
како што некогаш било во Рајот
пред да се разбудиме по Падот
и да засуштествуваме во Адот?
Суштествуваме или не –
суштината е зар негде другаде?
Изборот е нечиј друг, на генот?
Наше е да се совпаднеме со сонот.
* „Хамлет, пак (наспроти Едип), уште од почеток е виновен што е.
Нему му е неподносливо да биде. Проблемот, злосторството на
постоењето, му се наметнува со неговите зборови, to be or not to be,
што неотповикливо го внесува во битието…“, Jacque Lacan, Kanaba
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.