Љубев лудачка

Ако некогаш ме прашаат што видов во тебе. Ако некогаш ме прашаат зошто ти, а не некоја друга, јас точно знам што ќе им кажам. „Иста е таа како сите други“, ќе им речам. „Нека не ве лаже детскиот поглед нејзин, што лута секаде наоколу.“. „Иста како сите други е. Такви како неа секаде може да сретнеш.“ И можеби ќе раскажувам со бес. Ќе сакам нив да ги убедам во нешто што ниту јас самиот да се убедам не можам. И ќе те барам. Ќе сакам да те сретнам. Да те здогледам. Да те пронајдам. Во било која. Во секоја. Исто онака ко другите што ќе ги залажувам. Ама знам дека нема. Нит’ да те најдам, нит’ да те сретнам, нит’ да те пронајдам во друга жена.

Затоа, ако некогаш ме прашаат што видов јас во тебе „Иста е како другите.“ јас ќе им речам. Нема ништо да кажам за тебе. Ниту дека од твоите раце излегуваат најубавите колачи што некогаш сум ги јадел. Ниту дека од твоите раце, кафето добива некако поинаков мирис. Посилен. Поубав. Ниту дека ноќта е волшебна кога ти заспиваш стуткана во мене. Заспиваш брзо. Ама длабоко. А јас секогаш се чудам. Ти се восхитувам. Како една глава, преполна со мисли и сомнежи,  може толку брзо да заспие. Нема да им кажам ниту дека некогаш ноќе стануваш за вода да се напиеш. Или за да запишеш некои стихови што в сон ти текнале. Лудачо една, в сон ти текнале! Нема да кажам дека позбунета и посмотана од тебе не сум сретнал. Збунета! Наивна! Смотана! Како ниту една друга. Ама и остроумна! Итра ко лисица, лисице една!

Ете затоа, секогаш кога ќе ме прашаат што сум видел јас во тебе, јас ќе кажам дека си иста ко сите жени. Нема ништо да им кажам за тебе. Нема да кажам колку се возбудуваш додека ги слушаш брановите на морето. Ниту колку уживаш ноќе, кога пилињата ти пеат под прозорец. Нема да кажам кога со еуфорија раскажуваш. Како ме ловиш во секоја твоја приказна. Како јас паѓам на твоите приказни одново и одново. Нема да кажам ниту дека не ги сакаш дигиталните фотогафии. Сакаш класични фотографии, во албум, во рамка. „На крајот, само спомените остануваат.“ велиш, додека ги редиш во некој стар албум. Нема да кажам колку се смееше кога се залепи во стаклото во влезот на библиотеката. Будало! Се залепи за стаклото на влезот, мислејќи дека е отворено! Како книгите од рафтовите можеби ќе ти избегаат.

Ако некогаш ме прашаат зошто не можам да те заборавам, ако толку личиш на сите други, проклето нека е. Јас ќе мора да им раскажам. Да им раскажам за очињата твои. За пегите на носето твое. За порите од кожата твоја со мирис на хибискус. За насмевката. За кикотењето. Ќе им кажам дека немаш скокот ни на стомакот, ни на стапалата, ни под пазувите. Ќе им ги прочитам сите песни што ми ги напиша. Сите до една! „Кај ќе најдеш ваква друга? Каде?!“ ќе им речам.

Знаејќи дека ниту јас нема да најдам. Некоја што со радост ќе ме држи за рака. Што ќе ме стегне цврсто. Што ќе сака на светот да ме покаже. Што ќе го дели светот со мене. И дури на ѕведено небо што се возбудува. Што на добра музика полудува. Што на добар филм заспива и потоа ме тера да ѝ го раскажувам. Што сака да се изгуби во се што прави… „Кај ќе најдеш друга лудачка како неа?! Ете, јас љубев лудачка.“. Така ќе им одговорам. Нема да речам моја лудачка. Оти ти си лудачката што ја прокоцкав. Што ја изневерив. А не смеев. Никако не смеев. Мислев ко сите други си, а длабоко во мене знаев дека не личиш на ниту една од нив.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!