Перси Биш Шели – Озимандија

„Озимандија“ (англ. Ozymandias) е познат сонет напишан од англискиот романтичарски поет Перси Биш Шели и објавен во 1818 година. Често претставуван во низа антологии како еден од највисоките дострели на англиската поезија од XIX век, “Озимандија” е несомнено една од најпознатите песни на Шели.

Општи податоци за сонетот

Она што го истакнува „Озимандија“ како една исклучителна песна, не занемарувајќи ја тематиката, односно Шелиевото сфаќање за минливоста на моќта, е, пред сѐ, неговата виртуозна дикција и неговата специфична шема (АБАБАВГВ ДГДЃД). Со помош на овие два поетски елементи, едноставноста на изразот и честото прескокнување на стиховите од една во друга линија, Шели успева да го забави монологот на патникот, создавајќи атмосфера на празнотија и нарушена грандиозност. Ритамот, од друга страна, е јамбски пентаметар – класично прозодично средство кога е во прашање англиската поезија.

Напишан е во декември 1817 година и за првпат е објавена од страна на Ли Хант во списанието Examiner на  јануари 1818. Во 1819 година, во Шелиевата „Розалинда и Хелен“, каде што сонетот е препечатен, Шели ја опишува „Озимандија“ како една од неколкуте недовршени поеми што ги оставив во Англија. Тој истакнува и дека песната е влезена во склопот на книгата само по барање на неговиот издавач. Всушност, без разлика на тоа што „Озимандија“ ужива огромна популарност кај љубителите на поезијата, дел од критичарите на делото на Шели често се запрашуваат за неговата литературна вредност. Харолд Блум, во една од поголемите студии за Шели – Shelley’s Mythmaking (1959) („Шели: Создавање на митот“) воопшто и не ја споменува песната.

ОЗИМАНДИЈА

Од древна земја сретнав патник жив
кој рече: – Нозе две од камен тежок
в пустината се вишат. Близу нив,
во песок тоне здробен лик, чиј жежок
и збрчкан насмев зборува без здив
за вајарот кој страсти врежал в занес
во овој труп, кој некогаш без жал
со крв и срца човечки се хранел.
А долу, пишува на плоча една:
“Озимандија сум, над Кралевите – Крал,
со очај, моќнику, кон делата мои гледај!”
И ништо друго нема: само леко
крај овој кип што гние, песок бледа
се влече самотно кон бескрај некој.

                                                                                                                        Препеал: Виктор Јованоски

Анализа

Името Озимандија најверојатно се однесува на Рамзес II или Рамзес Велики, фараон од деветнаесеттата египетска династија. Самиот сонет претставува парафраза и е директно инспириран од наводниот напис на основата на статуата спомнат од страна на грчкиот историчар Диодор Сицилиски: “Крал над Кралевите сум јас, Озимандија. Ако некој сака да дознае колку сум возвишен и каде спијам јас, тогаш нека надмине некое од моите дела.“

Смислата на песната се содржи токму во зборовите на големиот фараон: “Озимандија сум, над Кралевите – Крал, со очај, моќнику, кон мене гледај!” или во буквален превод од оригиналот: “Моето име е Озимандија, над Кралевите – Крал, Погледни на моите дела, моќнику и очајувај!”. Двојната иронија сместена во овие два стиха е многупати анализирана и разработувана.

Имено, и покрај наредбата на Озимандија, очајот кај „моќникот“ не треба да се јави поради тоа што делата на Озимандија го надживеале неговото име, туку токму поради тоа што ништо, освен еден „здробен лик“ и „кип што гние“ не останале од него. Судбината на моќникот ќе биде иста: заборав во песокот на времето. Од друга страна пак, и она што останало од Озимандија не е по негова заслуга, туку е по заслуга на вајарот.

Извор

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!