Перун – врховен бог во словенската митологија

Перун е бог на громот, грмотевицата, молњата, на плодоносниот дожд и врховниот бог во словенската митологија. Бил асоциран со планините, дабот, орлите, како и со оружјата и војната. Имал секира (или чекан) и ја фрлал по лошите луѓе, а таа секогаш му се враќала.

Потекло на името и негови варијации

Името Перун доаѓа од индоевропскиот корен перк, што значи удира (од истиот корен доаѓа и зборот перкусија). Наставката -ун го означува извршителот на дејството, па така Перун би значело оној кој удира.

Освен Перун, тој е наречен Пјорун во Полска, а сличен бог може да се најде помеѓу Балтичките народи како Перкунас, а кај Финците богот Уко уште се вика Перкеле.

Името на Перун останало и во голем број топоними како Перуновац, Перуни Врх, Перуничка Глава и други. Најголем дел од овие претставуваат планини (Перун бил асоциран со планините), но во средниот век одредени дабови, шуми и села биле наречени Перун. Перуниката исто така го добива името по Перун.

Историски извори за богот Перун

Од сите словенски богови, најмногу историски извори има за Перун. Првпат се спомнува во De Bellum Gothicum на Прокопиј, каде што пишува дека Јужните Словени веруваат дека има еден бог, создавачот на громовите, кој владее над сите други богови. Неговото име не е изнесено во текстот, но самиот факт дека во некои словенски јазици самото име Перун еволуирало во збор за молњата е доволен доказ дека се мисли на овој бог.

За првпат името на Перун се спомнува во Хрониката на Нестор. Во неа, Русите даваат заклетва пред Перун и Велес. Имено, ако ја прекршат заклетвата, тие веруваат дека ќе бидат казнети од овие богови. Велес казнува со смрт од болест, а Перун ја претпочита војната како начин на казнување.

Кои се особеностите на богот и која била неговата улога?

Перун бил меѓу другото громовник и бог на небото. Тој бил бог на таканареченото „ниско небо“, додека со „високото небо“ владеел Сварог. Во неговиот домен биле облаците, громовите и дождот.

Перун исто така имал двојна улога како бог на војната. Според Велесовата книга, оние кои умираат во битка живеат засекогаш во неговата војска. Речиси сите учени ја сметаат Велесовата книга за фалсификат од поново време и нејзе не ѝ се обрнува никакво сериозно внимание.

Најважна улога Перун играл како громовник. Се верувало дека неговите громови биле всушност камења или стрели кои тој ги користел како оружја. Некои камења биле сметани за остатоци од нив и биле нарекувани Перунови стрели. Се верувало дека биле заштита од непогоди, несреќа, клетви и (доста природно) од громови. Слично на нордискиот Тор, Перун јавал во битка на својата кочија, а вртењата на нејзините тркала предизвикувала грмотевици.

Обожување и разлика со богот Велес

Четвртокот бил ден посветен на Перун. Ова е тренд кој се појавува и кај другите индоевропски народи.

Четвртокот секогаш бил денот на громовникот. Доказ за ова претставуваат и имињата за четвртокот во некои јазици: Donnerstag (германски) – доаѓа од германскиот Донар, Thursday (англиски) – доаѓа од нордискиот Тор (Þórr), Jeudi (латински) – доаѓа од латинскиот Јупитер (Jupiter). Бидејќи бил асоциран со дабот, храмовите и светилиштата на Перун често биле градени под стари дабови. Во овие храмови се принесувале и жртви. Се жртвувале бикови, говеда, овни и други нешта. Според некои извори, на Перун жртвувале и воени затвореници, најверојатно еднаш годишно, за време на неговата слава.

Храмовите на Перун секогаш се граделе на ридови, планини и други високи места. Храмовите на Велес секогаш биле градени на ниски места. Симболиката на ова е многу јасна – Перун како небесен бог бил обожуван на високо, додека неговиот противник Велес како бог на подземјето бил обожуван на ниски места. Било обичај идолите на овие два бога никогаш да не се ставаат на исто место. Кога рускиот владетел Владимир I изградил монументални статуи на словенските богови во Киев, статуата на Велес била подалеку (и подолу) од другите, помеѓу кои стоела статуата на Перун.

Перун во митовите

Во словенската митологија (како и во нордиската), светот е претставен како џиновски даб, чии гранки се небото, стеблото – земјата, а корењата се подземниот свет. Перун седел на врвот, често претставен како орел. Во корењата живеел Велес, кој владеел со подземниот свет. Велес бил непријател на Перун и често доаѓал во горниот свет во форма на змија за да краде од него. Кога ќе дознаел, Перун го стрелал Велес со молњи во обид да го убие. Овој бегал на човечкиот свет и се криел зад дрвја, куќи или луѓе. Каде што ќе удрел гром, таму Велес се криел. На крајот Перун го убивал Велес, т.е. го враќал во подземниот свет, и овој таму бил прероден.

Треба да се забележи дека борбата помеѓу Перун и Велес не е борба помеѓу доброто и злото карактеристична за христијанскиот Бог и ѓаволот, туку борба на спротиставени принципи, т.е. небо-земја и оган-вода. Словените не го претставувале Велес како зол лик. Напротив, тој бил исто толку важен и популарен колку и Перун.

Христијанизација и улогата на библијата

Со процесот на христијанизација на Словените, црквата успешно го заменила Перун со светецот Илија. Според Библијата, тој јавал на огнена кочија низ небото. Ова било доволно добра компарација со богот на молњата, па така бил создаден Илија громовникот. На запад, Римската католичка црква го заменила Перун со св. Михаил. На локално ниво, некои карактеристики на Перун биле пренесени на самиот христијански Бог.

Можеби и ќе ве интересира следнава статија – „По трагите на врховниот словенски бог“.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!