Велигденска порака

Денови се на тишина. Не онаа статична, туку онаа духовна. Распнете ме, ама денов за мене е многу повеќе од религија, од вапцање јајца и стоење во гужви пред црква. Не сум тука да учам некого, ниту пак некој со “учења” да ме тормози мене, зошто сепак, верба е лично доживување.

Во досегашниов живот ако едно нешто научив, тоа е дека оние што најмногу сакаат да си ги покријат сопствените дамки и црнила, најмногу се кријат зад религијата. Тие се тие кои се во право, секогаш. Тие се тие кои се дрзнуваат да се мешаат во туѓи животи и да се молат за нечие “душевно спасение”. Тие се тие што најсилно удираат, навредуваат, плукаат. Шутираат просјаци, а забораваат дека еднаш одамна и самиот Тој во кој веруваат бил просјак. Тие се тие што ја извртуваат религијата како ним им одогвара, правнуки и правнуци на оние што наплаќале карти за во рајот и палеле “вештерки”.

Е тому тие се дрзнуваат да пипаат туѓа религија и да учат на верба. А што е за нив верба? Плукање по комшивката зошто е разведена, по син ѝ зошто носи околу вратот камче и нема девојка. Што е верба за нив? Плукање на брак кој ним лично не им се допаѓа, откажување од ближниот само затоа што поинаква му е љубовта.  Криење зад крстот што им е околу вратот и во негово име сеење злоба и омраза. Нема да ги прашам кај ќе им оди душата, не сум јас за тоа задолжена.
Само сакам да упатам порака:
Не мешајте се во вербата туѓа. Не сте вие Богови. Не сте посебни. Душата своја в раце и очите кон себе само вперени. Колку и да мислите спротивно, не сте совршени по тие ваши стандарди.

Затоа барем годинава, по сѐ ова што заедно го поминавме и го поминуваме, да се присетиме дека молитвата не мора да е од А до Ш механички да кажана за да е прифатена. Не мора да се стои пред црква насред пандемија за да Бог од небо погледне на Земја. Бог е со вас, во вас и околу вас. Чиста душа, чисто срце и помош од нив дадена, е темелот на секоја религија, па и на нашата.

Знам дека е тешко да се отстапи од традиција, ама за животи се работи и дома ако кажете една молитва сигурна сум дека ќе се прифати.
Честит Велигден и сите денови пред него на сите блиску и далеку. Милост и љубов и здравје кон ближните, далечните и кон себе.
Без разлика на степенот на верба, нека љубовта на денот кој се ближи меѓу нас воскресне и остане до наредниот, а потоа сѐ од почеток.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!