Skip to content

Златник – Силвана Панева

Не знаеше дали да се радува или да плаче, откако ќерката, помалку срамежливо и соопшти за својата непланирана бременост. Остана без зборови, иако веќе неколку месеци се забавува со едно момче, сепак и требаше време да си дојде во себе. Можеби малку избрза нејзината единица, само пред неколку месеци дипломира, а веќе и детето е на пат. Но, што е, тука е! Мора да се прибере, да подготви вечера зашто избраникот на ќерката ќе дојде да ја запроси.
“Треба да се радувам, а не да цимолам. Моето дете ќе биде многу среќна со избраникот, а бебето ќе донесе радост во куќата“ – си кажа во себе. Не го познаваше момчето, но ја знаеше посветеноста на ќерката, вредна и паметна девојка како неа, веројатно си нашла животен партнер по мерка.

Откако се потсмири и ги потисна лошите мисли, со многу љубов ја подготви вечерата, се дотера и во убава кутија го спакува златникот на идниот зет. Тоа злато се пренесуваше од генерации на генерации во фамилијата на починатиот сопруг…“Мамо, ние дојдовме “, го слушна гласот на ќерката. Не очекуваше дека толку бргу ќе дојдат, со треперливи раце го стави златникот во џепот од новиот фустан. „Среќа што имам џеб”, си помисли и со чисто срце отрча да го запознае момчето.

Се поздравија и најпрво забележа дека надворешниот изглед му е сосема пристоен, потоа седнаа, а тој, повеќе од десет минути зборуваше. Бил дипломиран глумец, без постојано работно место. Самиот си поставуваше прашања и одговараше на истите. Со невидена леснотија зборуваше за големата љубов кон ќерка ѝ, исто како да кажува монолог на добро научен текст од некоја претстава. Чудно го погледна, но ништо не рече, за неа љубовта се докажува, не се кажува со зборови.

“Можеби сум премногу старомодна “, си помисли за миг. Подоцна се вклучи во разговорот со цел вечерата да биде спонтана и вредна за паметење. Не успеа! Момчето беше добар говорник, но лош слушател, постојано ѝ се уфрлуваше во зборот и не сакаше неа да ја слуша. Затоа престана да зборува, немо гледаше колку безобразно ја милува и гушка ќерка ѝ. Да, можеби е старомодна, но, тој навистина претера со умилкувањето, дури и ќерката остана засрамена. Повторно се обиде да ја поправи атмосферата и го праша за плановите во иднина.

Тој, пак, неконтролирано смеејќи го кажа сонот: да добие главна улога на високо буџетен филм во Холивуд. Потоа, речиси филмски се сврте кон идната жена, зборувајки за големата среќа што го избрала токму него за маж. Небаре е на кастинг за главна улога! “Овој човек нема да ја направи среќна мојата ќерка“, со разочарување помисли. “ Живее во облаци и улогите наместо на филм или театар ги остварува во секојдневниот живот “. Додека ги слушаше неговите монолози, раката ја стави во џебот и се двоумеше дали да му го даде златникот, се кршеше нешто во неа, размислуваше, сепак кутијата остана во нејзиниот џеб.

За неа спомените од прерано починатиот маж имаа посебна вредност, можеби златникот не вреди богатство, сепак, треба да го добие некој со слични морални и човечки вредности како него.
На одење глумецот повторно непотребно ја стави вештачката насмевка на лицето, и ако имаше мала надеж, со жалење заклучи дека ќерка ѝ не го направила вистинскиот избор за маж. Не знаеше што виде девојката во тоа самобендисано и егоистично момче?!

Кога по неколку часа се врати дома, ќерката го забележа горчливиот поглед на мајка си и разочарано ѝ кажа:
– Знам дека не ти се допадна мојот свршеник, но, јас сум убедена дека откако ќе се роди бебето, тој ќе биде одговорен маж и татко!
“Не мила, така ти се чини! Најважно е вие двајцата да се разбирате! Ние мајките секогаш ќе мислиме дека нивните деца го заслужуваат најдоброто” – рече, колку да каже нешто. Едноставно, не знаеше да глуми и да ја убедува дека ѝ се допаднал избраникот, ама за волја на вистината тој ќе биде татко на внучето кое треба да се роди. Можеби, најдобро ќе биде да го зачува мислењето за него во себе и да не ѝ прави додатни нервози. Таа ѝ е сè на светот. Можеби ќе го стори тоа утре, но денес немаше сили за разговор.

Додека, имаше мал дијалог со себе, девојката револтирано отиде во својата соба, а таа, остана да се моли и да се надева дека можеби греши. Стамената жена која остана млада вдовица, која животните неприлики ја исчеличија, која разви непогрешлива интуиција, најмногу од сè сакаше овојпат да не е во право. Ќе остави на времето да покаже и нема да суди. Да, така ќе направи! Ништо друго не ѝ преостанува.

Силвана Панева

Напишете коментар