Помниш ли кога беше безгрешен?
Дали во мигот кога научи
кружно да ги гризеш ресаните
и да го редиш желето во купче,
за да го земеш најсилното од вкусот?
Или можеби, беше тоа пребирањето
на карамелите од шумски овошја,
за да останат неизедени најбројните,
оние од лимон?
Ти подоцна го препозна кружниот топот
на песјаците по твојата кожа,
и редеше година врз година,
но никогаш не стана лаком по животот.
Помниш ли кога беше безгрешен?
Дали беше тоа можеби,
мигот кога почна да го одбегнуваш
школскиот тоалет,
зашто таму те чекаа сите лоши деца,
спремни да те затрупаат
со меките остатоци од ресана
и карамелите од лимон?
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.