Свеќите горат до крај

Ја гледав како гола лежи на белите чаршави со мирис на јоргован. Локните од нејзината костенлива коса беа распослани врз перницата. А таа тонеше. Тонеше во длабок сон и можеби сонуваше некој друг. А можеби ниту на сон не гледаше ниту еден друг, освен мене. Јас само седев крај неа. Ја гледав. Восхитено гледав во нејзината силуета. Во тенката половина. Во бутовите. И малку се плашев. Добро де, малку повеќе се плашев. Се плашев од нејзината младост. Од нејзината ведрина. Од начинот на кој ме сакаше. Најмногу се плашев од нејзиното лудило. Не познавав полуда од нејзе.

Мирисот не нејзината кожа. Нежноста на нејзините бедра. Усните нејзини со боја на вишни. Сè во врска со неа беше проклето совршено. Јас најмногу од неа се плашев. Се плашев да не ја изгубам. Ако ја изгубев неa, јас и себеси ќе се изгубев. Ја гледав како се превртува додека спие. Како полека ја префрла рака од едната на другата страна. И сто пати се прашував што најде таа во мене, што не успеа во ниту еден друг. Околу постелата имаше неколку ароматични свеќи. Лудата сакаше свеќи со мирис на цимет. Палеше секогаш пред да водиме љубов. А јас не можев да разберам зошто. Не разбирав ни зошто мора свеќите да се со мирис на цимет. Ниту зошто сака да е со мене. Да е моја. Да ми припаѓа.

„Остави ги, сакам да горат до крај.“ ми велеше секогаш кога ќе речев дека може да направиме некоја беља со нив. И немав моќ да ѝ се спротвиставам. „Вечерва свеќите горат до крај.“ Е така ми велеше. Секоја вечер. Секоја ноќ. И кога и да ја прашав зошто јас, а не некој друг. Помлад. Поубав. Посилен. Таа ми го ставаше показалецот на усни. „Молчи, не расипувај.“ ќе ми речеше. Потоа ми ги бакнуваше очните капаци. Едниот. Па другиот. „Кај ќе најдам јас други црни закосени очи?!“, ќе ми речеше. Ако ја прашав уште еднаш, ќе се изнервираше. „Ниту еден друг не го разбира моето лудило! Некои не го ни забележуваат. Не го гледаат. Ете затоа, ти!“ ќе ми се развикаше.

Јас сакав да ја гледам како спие. Но штом чувствував дека и мене сонот ми е на очи, ќе се наведнев околу за да ги дувнам свеќите што не догореле. Потоа легнував крај неа. Си ја земав в прегратки. Нејзе не ѝ сметаше. Секогаш се туткаше во мене, како мојата прегратка да беше најубавото и најбезбедното место на светот. Продолжуваше да спие. Не се будеше. А пак ми даваше до знаење дека знае дека ми е в прегратки. Дека моја е. Дека тука може да остане до утро. До вечер. Засекогаш. Така ми се туткаше в прегратки. Тогаш ми исчезнуваа сите дилеми. Знаев зошто јас. Знаев зошто таа. Знаев зошто ние. И немав некое конкретно објаснување, ама знаев зошто. Свеќите мора да горат до крај.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?