Напомена: текстот содржи вознемирувачки теми: смрт и персонифицирана болест
Едгар Алан По е еден од најистакнатите поети и писатели кои некогаш чекореле на американско тло. Со неговите језиви теми и готски стил успева да ја наежи кожата на милиони читатели ширум светот. Неговата најпозната поема “Гавранот” и ден денес се изучува во средно училиште.
Но, покрај поезија По пишува и кратки раскази меѓу кои: “Црната мачка”,“Човекот во толпата”, “Светилникот” и многу други. Сепак, помеѓу овие раскази, во последно време еден се истакнува, а тоа е расказот насловен “Маската на Црвената Смрт”.
Расказот како симбол за неизбежната смрт и часовникот како животот што минува
Расказот започнува со детални описи на главната тема. Црвената смрт – чума која пустоши градови и села и која позади себе остава црвени дамки и крв на телото на жртвите. По овие описи По мајсторски нè запознава со ликот на принцот Просперо (чие име иронично значи напредок).
Просперо наместо да му помогне на неговиот народ во борбата против црвената смрт се затвора себеси и илјада негови пријатели и музичари во еден од неговите најдобро обезбедени замоци.
Додека неговиот народ умира, Просперо здрав се забавува, пие и се весели. Но сепак, По нема да биде По ако малку не му ја “зезне” веселбата.
Во замокот на Проперо има шест соби во различни бои кои го означуваат животот и седма, мрачна – црна соба со крвави прозорци која ја означува смртта и во чија близина гостите уживаат во веселбата (симболичен намиг кон крајот).
Со месеци Просперо и неговата дружина ја избегнуваат смртта. Но ниеден замок, ниеден ѕид не е доволен за да ја задржи или па да ја запре онаа што е веќе дојдена по своето. Па така вечерта на балот под маски додека црниот часовник отчукува над главите на маскираните гости (им ги брои преостанатите часови и при секое негово отчукување од страв запираат дури и да дишат) се појавува гостин со маска на Црвената Смрт.
Облечен во погребна одежда, со лице на мртовец и црвени дамки на себе гостинот цврсто чекори кон принцот Просперо. Никој од гостите не смее да му се доближи, а штом принцот Просперо го прави тоа во црната одаја (симболично, нели?) веднаш умира. А по него и сите гости и музичари со црвени дамки на телата паѓаат мртви на земја.
Тука веќе дознаваме дека “гостинот” и воопшто не е човек туку самата црвена смрт дојдена да го наплати долгот на принцот Просперо и неговите пријатели.
Себичноста и стравот – смешни наспрема прикажаната ароганција на почетокот
По со овој (малку потресен) расказ по којзнае кој пат докажува дека нема бегање од смртта и да се мисли поинаку е смешно. Но По покрај се, и мајсторски и потскирено ни кажува дека на ароганцијата и себичноста на крај не им се пишува добро.
Просперо за да ја избегне смртта го напушта својот народ, но кога доаѓа очи во очи со самата Смрт нема време ниту да ја запре музиката ниту да го подигне бодежот. Црвената Смрт со својата маска на крај доаѓа по своето и во истиот тој миг часовникот што со месеци ја беше расипувал забавата на Просперо запира, со тоа животот го напушта замокот.
Расказот “Маската на Црвената Смрт” е совршено парче литература за сите фанови на мрачното, симболиката, готскиот стил на пишување, па и романтизмот (има малку тука и нешто за човечката природа и самокритика).
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.