Скопје

Уличките се прекопуваат секојдневно и без некои посебни намери или можеби со намерни грешки. Троатоарите се накривуваат од сплоснати плочки од кои наѕираат мали вирчиња полни со пролетен дождец.  Мириса на пролет и багремот распуштил гранки и изгледа толку вкусен како топли костени на сред каллива зима.

Зградите немаат ист тек и сите се начичкани една до друга како стокови слама кои што може да се срушат во мигот кога само ќе замислите дека не мора да се тука и нема зошто и да би биле. Во тој момент замислувате дека ги нема и дека пред вас се појавил еден голем зелен џин со обрасната трева и милно ви се смее за да го погалите, за да ви каже дека тревата треба да се милува, а не да се гази.

Трча за да се скрие некаде во угорниците на Водно. Бега низ улиците не пазејќи да не го удри некоја заскитана кола како и сите пешаци кои споулавеле под Сонцето.

Не погледнувате лево и десно на раскрсниците. Впрочем, Скопје е само една права линија која нема ни почеток ни крај. Не знаете ни каде е центарот. Дали е тоа еден забревтан коњаник или слика од две насмеани другарки кои пијат Скопско на испечениот асфалт и  кои не сакаат да помислат  дека поминува времето низ далгите на Вардар?

Тој забревтано тече под мостовите начичкани еден до друг небаре сакаат да го сопрат. Каде ли одиш Вардаре? Дали те чека Егејот со раширени раце за да се вплотите татковски и да ги надмудрите сите боишта на времето?

Скопје, град со еден неижевеан сон. Да се надеваме дека ќе почне да живее…

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?