Миле Ѓорѓијоски – Палави афоризмичиња (втор дел)

Денес ги споделуваме следниве палави афоризмичиња од афористичарот Миле Ѓорѓијоски кои се продолжение на претходно објавените во првиот дел. И овие се посветени токму за најмалите, но будат насмевка и кај возрасните бидејќи тие најмногу ги разбираат. Прочитајте ги!

1. Денес за бато е суден ден! Тато замина на родителски!

2. Бато е за настава со физичко присуство. Ама само на – Физичко!

3. Откако започна онлајн наставата сите школски, ми станаа – непознати другарчиња.

4. Сон на секој лош ученик: успешно да ја преспие учебната година.

5. Дигитализацијата нема да го остави дедо без работа. Тој пак ќе носи полн ранец: ама сега со смоки, чипсови, кроасани.

6. И јас како Сократ знам дека ништо не знам, ама имам и потврда за тоа – ученичката книшка.

7. Онлајн наставата е штетна за мобилните. Откако започна на бато мобилниот му е постојано расипан.

8. Сит сум од училиштето. Затоа мојот училишен ранец, место со книги, полн е со – кроасани

9. Бато ја сака онлајн наставата, ама само кога го нема интернетот.

10. Лошо ми се пишува. Дедо престана да ми ги пишува домашните.

11. Дигитализацијата најмногу ќе ги растажи мама и тато: не се делат од моите учебници, ни кога сме на излет.

12. Откако започна онлајн наставата, бато ја смени тактиката. Место од суфлер, бара помош од – хакер!

13. Не е точно дека Ана се знае! Не знае дека бато е заљубен во неа.

14. Знам зошто зајаците имаат големи уши. Не одат на онлајн настава.

15. Најлесно е да се глуми добар ученик. Потребен е само одличен суфлер.

16. Ја мразам онлајн наставата. Откако започна не можам да дојдам на ред од бато да седнам до лаптопот.

17. Има нешто пострашно од тоа што јас знам дека ништо не знам: и учителката тоа го знае.

18. Дигитализацијата има и добри страни. И кога е на службен пат, тато ќе може да ги учи новите лекции.

19. Не е фер! Мамо почна да ми се кара и за единиците што ги добивам кога таа ми ги пишува домашните.

20. Бато никогаш не е гладен за знаење. Училишниот ранец му е секогаш полн со – кроасани.

21. Не е фер! Бато следи онлајн настава, а јас морам да одам во градинка.

22. Добро е што лектирите нема да се дигитализираат. Не мора тато на баба и дедо да им купува таблети.

23. Бато нема среќа во љубовта. Тамам учителката го седна до Маре – започна онлајн наставата.

Прочитајте го и првиот дел: Миле Ѓорѓијоски – Палави афоризмичиња

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?