Миле Ѓорѓијоски – Палави афоризмичиња

1. За сè се криви тато и мама! Да не ме запишеа на училиште немаше да го повторувам одделението.

2. Дедо е внимателен ученик. Сите учебници на бато се како нови.

3. Бато е за физичко присуство на часовите. Ама само за часот по – Физичко.

4. Кина е многу далеку. Секогаш кога тато на мама ѝ подарува кинеска вазна, си доаѓа дома многу доцна.

5. Тато почна да ја злоупотребува онлајн наставата. Наместо „Најки“ и тренерки почна да ми купува домашни влечки и пижами.

6. Дедо вели дека бил одличен ученик. Ако се суди по ушите, тогаш за уши ги тегнеле само одличните ученици.

7. За дедо, денес и утре, времето ќе биде пари. Така е секогаш кога ќе ја земе пензијата.

8. Најмногу петки добивам кога тато е на службен пат. Тогаш мама ми ги пишува домашните.

9. Верувајте во своите деца, ако сакате и тие да веруваат во вас.

10. Затоа што дедо по цел ден чита лектири и пишува домашни задачи, криви се мама и тато! Тие ме запишаа на училиште!

11. Тато и мама и овој викенд ќе го поминат работно. Имам домашно по сите предмети.

12. Не е фер! Мама и тато велат дека на грешките се учиме, а кога ќе добијам единица се лутат.

13. Тато веќе долго време не добил единица. Така е откако мама почна да ми ги пишува домашните.

14. Одличните ученици имаат помали уши. Затоа што им ги тегнат само кога имаат роденден!

15. Учителките се привилегирани! Не мора да читаат лектири, да пишуваат домашни и никој не ги испрашува на часовите.

16. Најлесно е да се сакаат децата. Треба само да го разбудите детето во себе.

17. Мама треба да има повеќе родендени во годината. Така јас и бато почесто ќе јадеме торти.

18. Тато никогаш нема да дознае дека е слаб математичар. Кријам од него дека добивам единици кога тој ми ги решава домашните.

19. Мама сака да бидам лекар, а тато инженер. Родителите никогаш не сакаат децата да личат на нив!

20. Паметните телефони на родителите треба да се расипуваат почесто. Tака мајките и татковците ќе си играат повеќе со своите деца.

Можеби ќе сакате да ги прочитате и следниве афоризми од Миле Ѓорѓијоски.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?