Skip to content

Минута – Наталија Наумовска

Шеесет секунди како цела вечност
додека секое делче од телото се тресе
потпирајќи ги лактите цврсто на земјата
една секунда трае цела година

Пет секунди за прв впечаток
уште триесет секунди за да одлучиш
дали човекот е по твоја мера или не,
дваесет секунди да сослушаш
и десет секунди да дадеш одговор

Не сакам времето во секунди да си го мерам,
песочниот часовник одамна го изгуби значењето,
го немам ниту во мојата соба,
преферирам да го видам на себе, во обликот

Не сакам времето во недостиг да го бројам,
ниту да знам уште колку секунди треба да минат
за повторно да ги имаме тие пет секунди,
доживеани како првпат,
а веќе се поминати илјадници часови

Шеесет секунди како цела вечност,
со него и еден час е како шест секунди,
не сакам времето во секунди да го мерам,
туку по јачината на неговата насмевка после тие пет секунди

Укради ми една цела вечност,
но не заборавај дека таа нема крај,
зароби нѐ двајцата во нејзе
и никогаш нема да го мериме времето

Напишете коментар