Чувај ми ги песните

Еден ден јас ќе бидам километри далеку
и ќе пишувам на јазици други – малку поинаку,
е тогаш – не дозволувај да ми умрат песните минати,
оние со солзи напишани и после прешкртани.
Можда нема да те сакам веќе исто,
можда нема ништо да ти има смисла
ама присобери ја таа душа бесна и згази ја гордоста,
штом ќе видат книга моја, кажи им на децата
“Еј внучишта, ја знаев едно време оваа девојка.”
Премолчи им дека ти ја излевав пет години душата на хартија,
премолчи им дека мижеше пред вистината
и дека понекогаш ти беше интересно да играш со чувствата.
Чувај ми ги песните,
знам дека ги имаш,
знам дека потајно ги читаш и од една страна егото ти расте
а од друга се чудиш на љубовта што на илјада начини може да се каже.
Нема да те прашам дали ти пишуваат другите,
не сакам да знам,
време доста и јас и ти изгубивме трчајќи
по возови незастанати,
копнеејќи по луѓе недофатливи,
јас едно време по тебе,
ти едно време по љубов само за себе.
Немој, еден ден штом ќе те допре болката
да заседиш во собата
кај што ти стојат полиците исполнети
и клавирот прашлив – недопрен
и да гледаш во прозорот отворен
и да посакуваш да си птица,
па да ми слеташ и за миг на рамења
и да ми кажеш дека приказната уште не е завршена.
Еден ден, јас ќе бидам километри далеку
може среќна, може сама,
ама ти, штом пукне пролет рана,
расчитај се поезија и сети се на младоста,
чувај ми го тој дел од душата и соземи се,
колку и да боли – чувај ми ги и
не дозволувај да ми умрат песните.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?