Виктор Радун Теон е роден 1965-та година во Скопје, Македонија. Од 1991-та година живее во Нови Сад. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1990-та година, магистрирал на Економскиот факултет во Суботица во 2003-та година и докторирал на Факултетот за менаџмент во Нови Сад во 2006-та година.
Вработен е како професор по екологија, економија и менаџмент на Факултет за применета екологија Футура, на Универзитетот Метрополитен во Белград. Пишува поезија, проза, есеи и прегледи и објавува во литературни списанија. Тој се занимава со филозофија и студии за иднината. Преведува од англиски на српски и македонски и обратно. Преведуван е на шпански, романски, македонски и словенечки јазик.
Има објавено 11 книги, 60 научни и стручни трудови, околу 50 есеи и литературни критики и прегледи, 7 учебници и превел 30 книги. Оперативен уредник на списанието Бранковина и соработник на списанието Печат.
Книги (негово творештво):
Литература: Јаје једнорога, 2008; Вавилонски водопади, 2012; Чудо Феникса, 2013; Крв и ружа, 2016; Змија олује, 2019; Манифест камена, 2020.
Филозофија, економија, студии на иднината: Конкуренција на нишану, 2008; Светло у човеку, 2017; Храм екстазе, 2017; Трансхуманизам, будућност без људи, 2018.
Член на Управниот одбор на Здружението на писатели на Војводина, Здружението на новинари на Србија и Здружението на стручни и научни преведувачи на Војводина. Претседател на Надзорниот одбор на Стериино Позорје.
Во продолжение прочитајте ја неговата литературна творба „Самотија“.
Самотија
Самотијата е светло кое го гледаат само орлите бидејќи се најблиску до сонцето. Самотијата ја познаваат оние што не се плашат од буката на ветрот над провалија.
Осаменоста не поднесува мочуришта и панаѓури.
Осаменоста е градина од која никнуваат доблести со најретки бои.
Осаменоста не се чувствува со сетилата. Од нејзе извираат најбистри потоци. Таа е како боја на тишината пред мугрите. Умее силно да боли. Толку што таа болка може да скрши. А тие што ќе ја издржат можат мирно да спијат. Бидејќи нивните сништа се океани во кои се негуваат најнеобични суштества. Од тие суштества расте љубовта на новиот ден.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.