Убедување

И сега гледаш ли
во оваа ноќ глува
како ко ангел чувар ти бдеам над телото?
И сега гледаш ли,
под Месечина
една жена твоја невенчана
како кошулите со насмевка
ти ги пере и крагњите им ги исправа?
Има ли, кажи ми,
од ова поголема вистина?
Мора ли сега, кажи ми за да сме венчани,
поп да нѐ венча?
Нема ли, ако застанам под ѕвезда
и го замолам Бог,
да ме направи твоја жена?
Има ли некој од мене посовршен
па да ти ја чува душата?
Ко колачиња да ти ги раѓа децата – без бабица
во таа колиба полна – за нас створена.
Гледаш ли? Гледаш ли?
Битни не ми се тие зборови,
од книга од мажи
пред двеилјади години напишана
јас ја знам само оваа вистина:

Кај што љубов има
и кај што љубов пука
и кај што љубов ко очите Божји светка,
таму и Бог не се меша,
во таа куќа и Бог кондурите ги соблака,
пред тие заљубени и Бог во восхит се поклонува.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?