Избор песни од Матеја Матевски

За поезијата на Матеја Матевски може многу да се каже, но некогаш зборови и не се потребни. Денешниот избор се три негови песни од збирката „Дождови“ (1956). Уживајте во читањето и споделете ги овие стихови за да ги прочитаат и вашите пријатели.

Претчувство

Еден трепет по местата познати
зошто се игра со праменот на моите мечти
Што бара тагата издајничка во очите
Еден нем допир
Зар пробудува едно болно врискање.

Тоа не е бледа длабочина
и не е подмолен вир
Извор е што постојано пени
со својот зелен крик

Будење

Во мојата сонлива соба се разлеаја очите на денот.
Тие заиграа во смрзнатите шари на ѕидојте
и од нивниот насмев оживеа мртвите цвеќиња

Остриот мирис на сеното
слеан со песната птичја под стреата
се занесе над постелата.

Еден љубопитлив зрак се гушна со моите коси
и ритамот на бледите раце
ги изненади градите уморени.

Селската врева ги бакна усните замислени
и очите запловија
во зелените езерца на ридовите.

Пристани средба

Два најниски акорда
на темната
клавијатура
на облаците
се судрија

Два погледа
под искрите нивни
се зачудија

Четири бели раце
низ темнината
на дождот вознемирен
се побараа

Се доближија
се најдоа
со болката
со смеата
со занесеноста
стара…

Прочитајте ја и поезијата насловена „Рила“ од Гане Тодоровски.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?