Ти ги праќам своите песни – Рабиндранат Тагоре

Ти ги праќам, еве, своите песни
густо збиени во овој бележник
како кафез полн со птици.
Синиот простор, тој бескрај меѓу ѕвездите,
низ кој се спушија моите стихови
сега е далеку од нивниот досег.
Ѕвездиет, скинати од срцето на ноќта
и цврсто сплетени во синџир,
би можеле да достигнат висока цена
кај некој јувелир од предворјето на рајот,
но ни боговите во тоа не би ја виделе
небесната вредност на божествената неодреденост.
Замисли си песна што одеднаш ќе блесне како летечка риба
од немата длабочина на времето!
Дали би се потрудила да ја фатиш со мрежа,
а потоа да ја изложиш во својот стаклен сад,
сред множеството заробеници?

Во долгата, чувствителна епоха на господско безделништво
поетот ги читаше песните денизден
пред својот штедар господар –
тогаш кога го немаше сеништето на печатарската преса
да ја валка со својата црна немост
заднината на ѕвонливото денгубење,
оживеано од природната придружба на незначајното;
кога строфите не беа подредени
во беспрекорни свитоци од букви
за да можат молкум да се голтаат.
Уви, песните што беа создадени за напнатото уво
денес се оковани како низи од робови
пред своите господари со испитувачко око,
и прогонети во сивилото на безгласната хартија,
а оние што беа бакнати од вечноста
се изгубија на издавачкиот пазар.

Зашто дојде очајно време на брзање и врева,
па музата на лириката мора да оди
на местото на состанокот на срцата
со автобуси и трамваи.
Воздивнувам, со желба да сум живеел
во златната ера на Калидас,
а ти да беше – но, која е целта
на пламениот а јалов копнеж?
Безнадежно сум роден во времето
на деловната печатарска преса,
јас, доцен Калидас,
а ти, љубов моја, ти си крајно современа.
Небрежно ги прелистуваш страниците на моите песни,
спружена на столот за одмор,
и никогаш ја немаш таа можност да го слушаш
шумотењето на метарот, со наполу затворени очи,
па на крај да го крунисаш својот поет
со венец од рози.
Единствената твоја награда
се одвај два-три сребреници
што му ги даваш на продавачот на книги
на плоштадот пред Високата школа.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!