Охриде, граду мој вечен – Алма Шемо

Тука сме заедно, под превезот на сончевата светлина

која погледот ни го одзема,

создава одблесок во нашите души

и го насочува кон рајската глетка

на безвременската охридска убавина.

Охридската езерска шир создава неописливо чувство,

чиниш се слева во бескраен мир.

И додека чекориме низ тивките, тесни

калдрмави улички, небаре времето подзастанало

и не ја допрело опојната убавина на градот

воздишката ни ја одземаат охридските красоти

прикажувајќи го градот, како откинат од рајот.

Цвеќињата свртени кон сонцето и

изгубени во бескрајното небесно платно, цутат.

Љубени од безброј крилести пеперутки,

 

се нижат низ охридските стази.

Сите згрижени, вдомени под убавината

на Балканскиот Ерусалим, наоѓајќи ја љубовта

во секој кон нив посветен стих, сите цутејќи исто.

Секој нивни лист, исто попрскан од

волшебната возвишена љубов на охридската природа.

Охриде, граду мој вечен, исконска убавино,

граду на езерото и лулко на писменоста,

од твојата безвременска убавина

сите потонуваме во неминлив занес.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!