Да почнеш да се избираш себеси

Ако сум живеела во минатото, ќе мислеле дека сум вештерка и на клада ќе ме спалеле. Можеби и сега мислат дека сум вештерка. Само никој не им дава веќе право да ме спалат. Да ме обвинат. Или да ме осудат. За вештерство. И не сме ние вештерките така страшни. Најголема вина имаме што светот го гледаме со различни очи од мнозинството. Но дури и нам ни е тешко да се избереме себеси.

Кога бев малку помлада мислев дека ќе можам да го променам светот. Посакував сите да размислуваат со мојата глава. Сакав да им ставам в мозок на жените дека не треба во ништо да зависат од мажите. Дека треба да се едуцираат. Да учат. Да градат кариери. А не да ѝ се предадат на кујната и на домашните обврски. Ама како што “стареам“ така сфаќам дека секој човек има право на личен избор. Секој човек има право на своја сопствена среќа. Секој има единствена дефиниција за успех.

Таа дефиниција не зависи од никого, освен од нас самите. Некои ќе кажат дека е успех да се има убава работа. Да се има силна кариера. Со изговарање на работното место да се покаже моќ. Да се покаже супериорност над говорникот. „Слушни ме ти мене што работам! Јас сум попаметен од тебе. Јас успеав.“ Ама прашајте ги заробените мажи и жени во канцелариите кога последен пат ги болел стомакот од смеење? Нема да речам дека нема такви, туку ретки се. Желбата за успех ги заслепила. Им ги заматила очите.

Затоа, ако денес треба да дефинирам што е успех, јас ќе дадам само една единствена дефиниција за успех. За мене е успех да почнеш да се избираш себеси. Да собереш храброст да им кажеш в лице на луѓето што чувствуваш кон нив. Да заминеш од таму каде што не сакаш веќе да бидеш. Успех е да ја работиш работата што ја сакаш. Не најплатената работа. Не најсупериорната. Не најпрестижната. Туку онаа што ја сакаш. Ако ја сакаш и ѝ се посветиш, сигурно ќе вроди со плод.

Успех е да се насмееш од душа, макар еднаш во месецот. Успех е да можеш да се исплачеш кога ти е тешко. Успех е да имаш до тебе човек во чии прегратки ќе се чувствуваш најсигурно на светот. Успех е ако можеш да си ја одмориш главата барем за миг. Успех да почнеш да се избираш себеси. Да го избереш она што го сакаш. Да се бориш за него. Ако во овој свет научиш да се избереш себе, верувај ми, секој ќе ти каже дека си успеал.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!