За сите мои борци паднати

Да можам да ве исплачам сите што ве нема, уста нема да зинат. Тастатура нема да се осмелат да фатат. Туку, ќе си ги гушнат најмилите. Тие што стварно веруваат ќе шепнат некоја молитва за здравје. Тие што се кријат зад верата ќе заќутат и ќе ја оборат главата и пред Бог ќе се засрамат за она што го помислиле, што го рекле и направиле.
Да можам да ве исплачам сите што ве нема – поплава ќе настане. Светов ќе го потопи и мислам дека од толку тага и љубов и ќе го измие. Ќе никнат видови на цветови изумрени. Ќе испливаат цели градови потопени, ќе распукаат виножита низ сончевите зраци ко знаци од вас дека сè ќе биде океј.

Да можам само да ве исплачам… Да ве разбудам барем на пет минутки само за на сите до еден ви кажам колку ве сакам и почитувам и колку само ви должам.  Да ви кажам дека и еден ден кога ќе остарам и да не се сеќавам и без имиња ќе ве паметам. Па потоа продолжете си го сонот мирно. Јас ќе ве прегрнам таму длабоко во душата кај што сте заспани, запрени во времето млади, стари, насмеани, расплакани, распеани, заљубени до бескрај. Заљубени баш онака како што стварно треба – заљбени ко да нема утре.

Да можам сите да ве исплачам ќе седнам на центарот на Земјата и ќе урлам за сите да чујат, ќе урлам за сите да разберат… Поготово сега… Поготово тука.
Ама не можам. Не можам да ве плачам, можам само да запишам и ова да ви го посветам. Спијте мирно вечни мои  борци. Ова не е крај.  Спијте мирно мои истомисленици, романтичари и души изгубени. Спијте мирно и одморете се, не се секирајте, научив јас како да сакам ко да нема утре, сега е редот да научам и други.

Ова е за сите мои борци паднати. Засекогаш ќе бидете запаметени.

 

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!