Филомела е сестра на Прокна (жената на тракискиот крал Тереј). Двете се ќерки на кралот на Атина, Пандион.
Тереј се оженил со Прокна затоа што на татко ѝ, кралот Пандион му помогнал да ги порази варварите кои ја опседнале Атина. Тереј ја одвел Прокна во Тракија, во фокидската област Даулида, каде среќно живееле пет години. Тогаш, Прокна побарала од него да ја доведе сестра ѝ Филомела на гости. Тереј ја прифатил молбата и со бродови тргнал по Филомела во Атина.
Тереј се вљубива во Филомела
Кога Тереј стигнал во Атина и ја здогледал Филомела, бил воодушевен од нејзиниот глас која од нивното последно видување се развила во прекрасна девојка, веднаш се вљубил во неа и страсно ја посакал. Својата желба успеал да ја скрие додека бил во палатата на кралот Пандион, и успеал да го убеди да ја пушти ќерка си на посета кај својата сестра. Ниту за време на патувањето со брод Тереј не се обидувал ништо. Но, штом стигнале во Тракија, ја одвел Филомела во шумата и таму се обидел да ја обљуби. Филомела се одбранила, па Тереј ја затворил во колиба каде се обидувал и подоцна со сила да ја натера да биде со него.
На Прокна ѝ кажал дека сестра ѝ умрела. Кога по некое време се вратил во колибата, наишол на уште поголем отпор. Филомела му рекла дека ќе пронајде начин сè да обелодени со помош на ветрот кој ќе ги пренесе нејзините зборови низ цела земја и небо. За да ја спречи во нејзината намера, Тереј ѝ го исекол јазикот. Но, Филомела пронашла разбој во колибата и исткајала покривка на која напишала сè што ѝ се случило.
Случајот ѝ помогнал прекривката да стигне до нејзината сестра. За време на Дионисиите (прослави во чест на богот Дионис) Прокна ја искористила можноста, стигнала до колибата и ја ослободила сестра си. Скришум ја довела до палатата и таму заедно го сковале страшниот план на осветата. Тоа е најстрашната освета што може да ја смисли жена и мајка.
Зевс го претеворил Тереј во кукавица
Прокна го убила својот син Итиј, кого Тереј многу го сакал, и заедно со Филомела го подготвила за вечера. Откако завршил со вечерата, Прокна му кажала со какво месо се најал. Тереј, во бес, тргнал со мечот да ја убие Прокна, но се вмешал Зевс, кој сите ги казнил. Тереј го претворил во кукавица, Филомела во ластовичка, а Прокна во славејче.
Митот за Тереј бил обработен од страна на старогрчките писатели Софокле и Филокле (во тетралогијата „Пандиониди“), како и староримските писатели Ливиј Андроник и Акиј.
Прочитајте го и Митот за Европа, како континентот го добил своето име?
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.