Дали беше само човек?

Го знаеше говорот на животните. Некогаш го слушаше и говорот на лисјата. Ветерот му помагаше да го наслушне шепотот на брезите, шумолењето на тополите, шиштењето на смреките.

Не можеше да го разбере говорот на луѓето. Никој не можеше да му помогне да ги одгатне нивните зборови. Му се чинеше како да зборува со непријател. Секој ден се прашуваше како е можно да ги разбира крикот на животните и шумолењето на тополите, но не и зборовите на  луѓето? Дали можеби припаѓа на некој друг свет? Или тие кажуваат зборови кои имаат значење различно од она што го кажуваат?

Тој секогаш го кажуваше тоа што го мислеше. Но, по се изгледа не беше човек. Беше можеби само еден трептлив лист кој може да го откине и нежниот ветер. Кој може да биде повреден од само еден погрешен човечки збор и да биде искинат на мали парчиња кои не можат да се состават. Или можеби ќе се пресостават во друг човек кој ќе наликува на луѓето, но не и на него.

Но, одлучи да продолжи во неговиот пат. Одлучи да живее со дрвјата и животните и да го зборува нивниот јазик. Којзнае, можеби еден ден ќе почне да го зборува јазикот на луѓето и да стане нивен пријател? Дотогаш, останува да живее во една мала трошна дрвена куќичка покрај шумскиот брзак..

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?