Музичка кутија

Сакам ти мене музичка кутија да ми поклониш.
Ко татко ти што ѝ дал на мајка ти,
пред војска да замини
за на него да ја потсеќа.
Мелодијата нејзина в глава да ми одѕвонува,
па да ја отворам секогаш кога посакувам
гласот да ти го слушнам.
Само во неа не ставај скапоцен привезок,
ниту златно ланче,
ниту некои чудни обетки.
Внатре слика твоја стави ми
оти од тебе јас поскапоцено нешто на светов и немам.
Напиши ми некаква порака на фотографијата,
нешто напиши.
Кажи ми дека колку и да бегам
нема каде подалеку да отидам.
Напиши:
“Кај ќе одиш ти подалеку од мене,
кога јас сум целиот свет.”
Ете така напиши ми.
И скришум остави ја некаде,
на полиците мои
за да забележам дури откако ќе си заминеш.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?