Приказната за штурецот и мравката низ призма на лидерството

Верувам дека секој од нас барем еднаш ја слушнал приказната за штурецот и мравката. Некои од нас повеќе сакаа да слушаат за вредната мравка и мрзливиот штурец, а некои помалку. Вистина е дека приказната за штурецот и мравката не носи порака само за малите деца. Таа во себе крие моќна порака за возрасните, особено за оние кои се стремат кон кариерен развој.

Потсетување на приказната

За време на летото, мравката, заедно со останатите мравки постојано собирала храна и се подготвувала за зимата. За разлика од неа, штурецот си седел под ладовина и си свирел. Јадел кога ќе посакал. Спиел кога ќе се посакал. Не се оптеретувал со зимата, која што кога-тогаш ќе дојде.

Штурецот уживал во животот и не се оптеретувал со она што следува. Ѝ се потсмевал на мравката заради тоа што воопшто не се одмарала. Ѝ укажувал дека треба повеќе да ужива во летото. Но летото брзо поминало, па дошла зимата. Снег имало на сите страни. На штурецот не му било лесно да излезе на снегот и да бара храна. До храна доаѓал сè потешко и умрел од глад.

Каква врска има оваа приказна со лидерството?

Низ карактерите на штурецот и мравката можат да се идентификуваат карактеристики на добрите и лошите лидери. Однапред знаеме кој би бил кој. Штурецот во овој случај би бил лош лидер. Зошто? Воопшто не е загрижен за зимата која му претстои, ниту за тешкотиите кои ќе го снајдат. Не планира. Заради тоа што е поголем од мравката мисли дека нема да има никаков проблем да собере храна в зима. Но тоа не е точно. Не се познава себеси. Нема свој тим, односно не живее во заедница со други штурци кои би му помогнале.

Мравката е олицетворение на добрите лидери. Се познава себеси. Знае дека тоа што е ситна е нејзина слабост. Но ја елиминира на тој начин што собира храна заедно со другите мравки. Има свој тим. Заедно со останатите мравки работат тимски. Свесна е за неприликите кои со себе ги носи зимата – студ и снег. Се подготвува цело лето за последиците од овие неприлики целосно да ги елиминира или да ги ублажи онолку колку што може.

Во чија улога вие повеќе се пронаоѓате? Дали повеќе сакате да сте штурецот или мравката? Ова е само една, од низа приказни, во кои доколку погледнеме подлабоко, можеме да извлечеме убава поука и за возрасните. Најдете некоја приказна која сте ја читале и пробајте да ја анализирате низ поинаква призма. Каков заклучок ќе донесете? Секако, секогаш може да ни оставите коментари.

Прочитајте ја поучната приказна за четирите свеќи.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!