Ненадејно почина македонската поетеса Виолета Сековска, нејзините колеги во неверување

Ненадејно почина македонската поетеса Виолета Сековска, нејзините колеги останаа во неверување. Денеска на официјалниот фејсбук профил на поетесата Виолета Сековска беше објавен статус кој го напиша нејзината ќерка. Таа во информацијата ја потврдува смртта на нејзината мајка, за да ги извести сите пријатели кои ја почитуваа Виолета.

Ја пренесуваме пораката во целост:

„Денеска го користам фејсубкот на мајка ми – се обраќа Сара (нејзината ќерка). Знам дека има премногу пријатели и ве извествувам дека вчера таа нѐ напушти, и замина на другиот свет. Секогаш велеше дека животот е 1 мин, и за 1 мин не напушти…
Мојата мама денеска во 13.30 ќе биде погребана во Бутел.
Нејзината големина на човек и енергија ја сакавте многу, па затоа од почит према вас го пишувам и ова.
Поради ситуацјата со Ковид, би сакале да задржиме потесен круг на собир. Секако нејзината насмевка ќе ви ѕвони постојано“, пишува во статусот.

На фотографијава е нејзиниот последен статус во кој дознаваме дека подготвувала нова книга. Жално е што остана недоискажана, прерано напуштајќи го овој свет. Нејзините колеги, пријатели и познаници на фејсбук со фотографии се опростуваат од неа, сѐ уште во шок и неверување. Во нејзина чест се читаат и нејзини стихови кои им ги подари на читателите.

Нека почива во мир, а на семејството Сековски му упатуваме искрено сочувство.

Виолета Сековска има објавено вкупно осум збирки и една збирка детска поезија “Светот на Јаков”. Коавтор е во многу збирки поезија надвор од границите на нашата земја. Беше активен учесник во македонски антологии, англиска антологија и позната по нејзината љубов кон татковината. Македонија ја носеше во срцето, а несомнено на многумина ќе им остане во сеќавање како поетесата патриот. Во една прилика таа ќе изјави: „Од поезија не се живее, но за поезија се живее“.

Веруваме дека таа ќе продолжи да живее преку нејзината поезија и спомените што ги остави кај сите што ја познаваа.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!