Силниот дожд удираше врз стаклата од прозорците. Правеше неверојатна бука внатре, во собата на старицата. На грамофонот свиреше стара плоча. Мелодијата од прекрасната музика се мешаше со буката која ја правеше дождот надвор. На старицата ѝ здодеа. Стана од под ќебето и излезе надвор, на тремот. Дрвена масички и две дрвени столици стоеа тука. Една од столиците беше апсолутно непотребна. Старицата одамна беше сама. Кај неа не свраќаше никој. Живееше осамена. Од спомените. Од шумот на ветерот. Од песната на птиците.
Седна на едната столица. Надвор мирисаше на дожд. Мирисот од дождот се мешаше со мирисот на сарделите. Во воздухот се чувствуваше апсолутен спокој. Старицата веќе одамна си го најде својот мир. Некогаш читаше книги. Некогаш гледаше документарни емисии на телевизија. А најчесто слушаше музика на својот грамофон. Некогаш, многу одамна пишуваше. Имаше дарба. Имаше прекрасен талент за пишување. Токму во таа јунска квечерина помисли пак да дофати еден лист и пенкало и да напише нешто.
Ама таа никогаш не пишуваше за дождот. Ниту за ветерот. Ниту за татковината. Сè што напиша, беше напишано за него. За нејзината неостварена љубов. А можеше да ѝ се оствари. Овој дел можеби повеќе ја болеше, па затоа одамна престана да пишува. Сите листови хартија, сите полни тефтери со стихови, машината за пишување. Сè спакува во една кутија и ја исфрли некаде на таванот. Чувствуваше дека токму таа квечерина е време кутијата со спомени да се отвори.
Стана од столицата. Од тремот влезе во ходникот, а потоа по скалите едвај се искачи до таванот. Ја вклучи светилката. Околу се чувствуваше мирисот на прашина. Одамна не се качила таму. Кутијата со спомени ведаш ѝ падна в очи. Блага насмевка ѝ се појави на лицето. Очите ѝ добијаа сјај на млада девојка. Се обиде, но не можеше да ја помести огромната кутија со спомени. Тешка беше ко планина. Исто ко што ѝ беа тешки спомените.
Ја отвори. Машината за пишување изгледаше како нова. Внатре се наоѓаа неколку стари плочи од рок бендови. И хартија. Купишта хартија. Ги земаше лисјата еден по еден. Секој збор, секој стих, секоја песна ја враќаа години назад. Кога беше млада, црвенокоса девојка, заљубена во прекрасен човек со темни, крупни очи. Копнежот не ѝ се исполни. Ама и никогаш не ја напушти. Многу момчиња ја бараа нејзината рака од татко ѝ, но таа со огромен бес во гласот викаше дека не сака. Дека веќе не сака.
Никој не дозна дека старицата единствено посакуваше да му припадне на темноокиот маж. Никогаш. Ниту нејзините. Ниту некоја нејзина пријателка. Знаеше единствено тој. Му испрати безброј писма. Тој на сите ѝ одговори. Дури и тој копнееше по неа. Но ниту тој, ниту таа не знаеа зошто не завршија заедно.
Еден ден, таа се откажа. Само престана. Собра сè што беше негово и го сокри во кутијата со спомени. На дното од кутијата, доцна во ноќта, ја здогледа неговата фотогафија. Толку време ја криеше. Знаеше дека тој веќе не изгледа така. Знаеше дека не е ист. Ама таа ги сакаше очите негови. Заради тоа знаеше дека секогаш ќе го сака. Оти очите на човек никогаш не му се менуваат.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.