Дива поезија

Зборови се ткаат во главава
и се претвораат во стихови,
темни, хаотични викотници.
Сонуваш ли кажи ми,
со некој да ги правиш
пак нашите муабети?
Или па в сон ти стојам јас
со сите маани и доблести и тие наши приказни?

Векови измеѓу нас поминати,
смрт и илјада други животи
низ чии сеништа
пак перото мое те пронаоѓа.

Ме сонуваш ли, кажи ми?
Во старите твои градини,
низ темјанушките распослани,
помеѓу двете дрва полни со јорговани,
како ти ползам по телото ко бршлен по ѕидови
и ти излегувам во вид на цветови од сите пори распеани?

Сонуваш – знам:

 Ликови и допири,
искажани на друг јазик зборови
толку туѓи, а твои…необично познати.
И светот е подруг во соништата,
и екот на смеата ги ослепува сеништата што ти се вијат од раѓање низ душата.

Зборови се ткаат во главава
и се претвораат во стихови,
темни, хаотични викотници.
Сонуваш ли, кажи ми,
повторно ко тогаш да ти рецитирам стихови?

Сонуваш – знам:

Да ми кажеш сѐ премолчено,
да го фрлиш изговорот
дека во животот ништо не е загарантирано и да ме прегрнеш
уште еднаш
и да кажеш дека никој друг на Земјава ко мене нема.

Сонуваш – знам:

Да ти ја прегрнам душата и во неа да заспијам,
да ти поминам со прстите низ косата и да ти раскажам
дека никој освен тебе не сакам да погледнам.

Сонуваш – знам:

Низ тишина да ти прошепотам дека си дива моја поезија
што никогаш нема да можам да ја напишам.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!