Порака – Гане Тодоровски

Ела –
Нашето доодување допрва почнува!
ќе го започнеме патот изутрина,
голема, бистра, единствена изутрина,
наша изутрина –
Ти понеси до грска-две разбирање
јас ќе ти донесам ракатка љубов
и ќе ти наберам недоброј стракови доверба,
штотуку никнати,
кревки,
затоа убави –
И знаеш, во името на нас,
на сите зла што глодале низ нас,
дај да им речеме едноставно
Догледање!
Нема тука што!
И да ги пратиме злата еј, дури онаму,
петлите денот кај не го будат,
кај нема зелени бушавости,
ни пчошки лај,
во таква невратка –
Така олеснети, смеолики, смеоносни,
со многу мир за престојните немири,
светлооди, бистродушни, до зарек блиски
ќе си преминиме отаде Лета
за да веруваме дека никога
на овој брег нѐ немало.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!