Жена што мириса на чисто

Секој маж има по една таква. Една ко сите други. И во сите други се обидува неа да ја пронајде. Ама не може. Проклето нека е. Таа не личи на ниту една од нив. Само таа мириса на чисто. Мириса на бебенце кое штотуку излего од уторбата на мајката. Мириса на дожд во пролет. Мириса на цутот од липите на булеварот. Само таа, од безброј жени на светот, мириса на чисто. И не дека душата ѝ е чиста ко солза. Напротив. Откако ќе ги прошеташ одаите на душата нејзина ќе видиш крвави ѕидови.

Мрачни слики полни со сомнеж кои висат на ѕидовите. Распаднати подови кои мирисаат на мува. Оти секој што влегол во душата нејзина пустош направил. Тебе едвај се убедила да ти ја отвори. Да ти ја покаже. Да те прошета низ одаите во кои и таа одамна не влегла оти мисли дека нема што да види веќе внатре. Ама тебе внатре ќе ти е убаво. Чисто. Само таму на чисто ќе ти мириса. И колку и да е темно внатре, ќе успееш да ги видиш сите прекрасни бои од душата нејзина. Еден ден дури и таа ќе се убеди во убавината на нејзината душа. Па можеби ќе влезе внатре и ќе си седне до тебе.

Ќе знаеш дека само таа, од безброј жени на светот, мириса на чисто. Ко што знаеш дека сонцето секое утро на исток изгрева. Ко што знаеш дека врхолакот се буди само на полна месечина. Е така ќе знаеш дека единствено таа во цел универзум на чисто мириса. Дека само нејзин ќе си. Дека засекогаш ќе останеш да седиш меѓу крвавите ѕидишта од нејзината душа и само ќе се восхитуваш на убавината и на спектарот на бои од душата на таа жена што на чисто мириса.

Нејзе ќе можеш да ѝ се јавиш и во четири часот на утро. Само таа ќе ти одговори во тоа доба на телефон. И ќе молчи. Ќе молчи и ќе те слуша што имаш да кажеш. Нема да те осудува. Нема да те прекорува. Само ќе те слуша и ќе се обиде да те разбере. Без страв дека ќе ја изгубиш вредноста во очите нејзини, ќе ѝ се потпреш на гради и ќе заплачеш. Оти таа ќе знае дека силните мажи плачат. Само на тие нејзини цврсти гради ќе можеш како дете да заплачеш. А таа цврсто ќе те стегне. Ќе ти мине со ноктите низ коса. Така ќе знаеш дека сѐ ќе биде во ред. Ко што знаеш дека сонцето секогаш на запад заоѓа.

Таа ќе ги разбере сите твои демони. Ќе сака да ти ги исполни најдлабоките фантазии. За тебе, таа и рацете со крв ќе си ги извалка. Ама тебе секогаш ќе ти мириса на чисто. Затоа, ако сретнеш жена што на чисто ќе ти мириса, не испуштај ја. Не пропуштај ја. Оти и ти нејзе на чисто ќе ѝ мирисаш. Колку и да си грешел, колку и да си простувал, единствено нејзе на чисто ќе ѝ мирисаш. Со сите свои маани и доблести. Ко таа што ќе е чиста само за тебе.

Таквите се наоѓаат еден со друг, кога-тогаш. Само внимавај. Цврсто стегни ја. Помирисај ја. Запамти го мирисот на чисто. Оти чистите со чисти не завршуваат. Нека оди во бестрага! Немој да останеш без онаа која на чисто ти мириса.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!